Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: „НОВИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ ВО ОБЛАСТА НА ИНСПЕКЦИСКИОТ НАДЗОР И ПРОПИШАНИТЕ ПРЕКРШОЧНИ ГЛОБИ“.
➢ Актуелно (22.12.2020)
👁 Прочитано: 702




Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: „НОВИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ ВО ОБЛАСТА НА ИНСПЕКЦИСКИОТ НАДЗОР И ПРОПИШАНИТЕ ПРЕКРШОЧНИ ГЛОБИ“.

Oдговарајќи на предизвикот за навремено и прецизно следење на сите актуелни измени на законската регулатива од интерес за деловните субјекти, Стопанската комора на Македонија, на 22 декември 2020 година, организираше еднодневна онлајн работилница на тема: „НОВИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ ВО ОБЛАСТА НА ИНСПЕКЦИСКИОТ НАДЗОР И ПРОПИШАНИТЕ ПРЕКРШОЧНИ ГЛОБИ“

Со последното изменување на Законот за работни односи, се направи значителна разлика во однос на она што беше досега предвидено во делот на инспекцискиот надзор и прекршочните одредби. Ваквите измени беа поттикнати од неопходноста за усогласување на овој закон со Законот за инспекциски надзор и со Законот за прекршоци.

На работилницата се направи сеопфатен преглед на измените во предвидените прекршочни мерки и условите за нивно изрекување. Притоа, на интерактивен начин и со одговор на прашањата и дилемите на слушателите, се дискутираше за воведените „глоби во распон“, и се разгледа критериумите за категоризирање на работодавачите, како: вкупно остварениот приход, просечниот број на работници и претходната санкционираност. Дополнително, се анализираа и висините на новите глоби кои ги предвидува законот во смисла на дискусија околу оправданоста на нивното значително и повеќекратно намалување. 

Воедно, се прегледаа и сите прекршоци кои Законот за работни односи ги предвидува во насока на прецизно информирање на слушателите за нивните законски обврски.

Во согласност со темата на работилницата која ги следеше актуелните измени на Законот за работни односи, се анализираа и новите одредби за надлежноста на различни органи за постапување во прекршочна постапка. Со посебно внимание се објасни институтот порамнување и постапката за издавање прекршочен платен налог.

Конечно, заради максимална подготвеност на слушателите и со цел да се овозможи добра запознаеност со предвидените права, но и обврски во случај на инспекциски надзор, на работилницата се разговараше за најчестите области на инспекциски надзор и инспекциски работи од работните области и се потенцираа главните точки од интрес за работодавачите и работниците. 

Предавачи на работилницата беа: Викторија Спасовска – Симоноска, адвокат во Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право и Злате Стојановски, Државен советник при Државниот  инспекторат за труд.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија