ОДРЖАН „ОНЛАЈН“ СЕМИНАР ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА НА ТЕМА: „НАПРЕДЕН ЕКСЕЛ ЗА ПИВОТ ТАБЕЛИ И КРЕИРАЊЕ НА “ЖИВИ“ ИЗВЕШТАИ“
➢ Актуелно (17.12.2020)
👁 Прочитано: 684




ОДРЖАН „ОНЛАЈН“ СЕМИНАР ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СТОПАНСКА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА НА ТЕМА: „НАПРЕДЕН ЕКСЕЛ ЗА ПИВОТ ТАБЕЛИ И КРЕИРАЊЕ НА “ЖИВИ“ ИЗВЕШТАИ“

Програмата за табеларно пресметување, MS Excel, како и вештината на креирање на ефикасни и прегледни „живи извештаи“ претставува исклучително моќна и корисна алатка без која е незамисливо функционирањето како на малите претпријатија, така и на големите корпорации. Извештаи од кои јасно се гледаат резултатите од работењето и се неопходни на секоја компанија, а вработените кој вешто се справуваат со табели и графикони ја зголемуваат ефикасноста и потребното време за бараната информација. Денес, кога времето е пари, посебно се ценат и наградуваат оние кои работата ја извршуваат побрзо и поефикасно. Познавањето на MS Excel е предност во било која дејност или занимање поради што инвестирањето во практичната обука за оваа програма е непогрешлив избор. 

Знаејќи ја важноста на Excel, Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската Комора на Македонија на 17 декември 2020 година организираше онлајн семинар на тема: „Напреден Ексел за Пивот табели и креирање на “живи“ извештаи “.

На  овој фокусиран и интензивен семинарот учесниците практично применуваа табеларни пресметки, формули и функции, условно форматирање, креираа графички прикази на податоци во рамки на ќелија, сѐ со цел ефикасност во решавањето на различни задачи од работното секојдневие. Беа опфатени и пивот табелите - еден од скриените адути на Ексел кои се применуваат во: администрација, финансии, продажба, набавка, водење на магацини, маркетинг, сметководство, аналитика и управување со ризици, односно секогаш кога е потребен брз, лесен и ефикасен начин за анализа и правење на извештаи. На семинарот беше демонстрирано и креирањето на Dashboard (контролни табли) – визуелен интерфејс кој дава визуелен преглед на комплетното работење врз основа на што брзо се донесуваат одлуки. Главна карактеристика на современото работење се брзите и непредвидливи промени поради што понекогаш е потребно да се направат повеќе варијанти на извештаи, земајќи ги во предвид неколкуте можни алтернативни вредности на податоци. Затоа на семинарот се обработи и областа за креирање на сценарија.

Предавач на семинарот беше проф.д-р Зоран Ивановски, редовен професор на Eкономскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, реномиран регионален стручњак од областа на финансискиот менаџмент и предавач со долгогодишно искуство во земјата и странство. Покрај универзитетската кариера предава на обуките за брокери и за инвестициски советници организирани од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Успешно раководи со првата бизнис клиника во нашата земја “Business Clinic DB”.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија