ЕУ - ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕМЕ
👁 Прочитано: 1869



II: Историјатот на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ
ЕУ - ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕМЕ

По прогласувањето на независноста во јануари 1991 година, стратешки интерес на Република Северна Македонија е членството во Европската Унија. Остварувајќи ја оваа определба, Република Македонија се легитимира како партнер од доверба и како сојузник на Европската Унија, кој мина низа етапи во односите, приближувањето и во интегрирањето на ЕУ.

На 15 јануари 1992 година Европската унија формира арбитражна комисија, предводена од претседателот на Уставниот суд на Франција, Робер Бадинтер. Комисијата заклучи дека Република Македонија ги задоволува сите услови за меѓународно признавање и дека името не претставува територијална закана.
 
Дипломатски односи меѓу Република Македонија и Европската Унија се воспоставени во декември 1995 година, кога е отворена и мисијата на Република Македонија во Европската Унија. Процесот на меѓународно признавање и воспоставување дипломатски односи со ЕУ е во застој поради спротивставувањето на Грција Република Македонија да се признае под уставното име.

Република Македонија од 1996 година е корисник на програмата ФАРЕ (Phare), програма создадена од ЕУ за помош на реформите во земјите од Централна и од Источна Европа, насочени кон пристапување во ЕУ. 

Спогодба за соработка меѓу Република Македонија и Европската заедница е потпишана во април 1997 година, како и спогодба во областа на транспортот, а потоа и на текстилот. Потоа Европската Унија отвори претставништво, односно Канцеларија на Европската комисија во Република Македонија.  

Во февруари 1998 година за првпат се одржа политички дијалог меѓу Република Македонија и ЕУ, а во март истата година се одржа првиот состанок на Советот за соработка меѓу Република Македонија и ЕУ, кој успешно функционираше сѐ до воспоставувањето на новото тело со Спогодбата за стабилизација и асоцијација. 

Европската комисија во 1999 година оформува нова рамка, во која се одвива соработката на ЕУ со земјите од т.н. Западен Балкан (Република Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Република Хрватска), кој го нарече Процес за стабилизација и асоцијација. 

Канцеларијата на Европската комисија во 2000 година беше подигната на ниво на Делегација на Европската комисија.

Советот на министри на Европската Унија во декември 2000 година донесе одлука (регулатива) со која се воспостави програмата КАРДС (CARDS), како програма за помош од Европската Унија за земјите кои му припаѓаат на Процесот на стабилизација и асоцијација. 
    
Република Македонија е прва држава од земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација која ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во април 2001 година. 

На 22 март 2004 година во Даблин, Република Ирска, Владата на Република Македонија поднесе барање за членство во ЕУ, со што се потврди континуираната и јасна политичкa определбa за приклучување кон Унијата. 
Европскиот совет решава Република Македонија да се стекне со статус земја кандидат за членство во Европската Унија на Самитот во Брисел на 17 декември 2005 година. Европската комисија објавува редовни извештаи за напредокот на Република Северна Македонија секоја година, следејќи го напредокот на реформите, и дава свои забелешки.
 
На 30 октомври 2007 година се потпишани Финансиската спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Комисијата на европските заедници за националната програма за 2007 година, во рамките на инструментот за претпристапна помош (ИПА), и Рамковната спогодба меѓу Република Македонија и Комисијата на европските заедници за правилата за соработка во врска со финансиската помош. Република Македонија е прва земја во регионот чии проекти беа одобрени од Европската комисија и прва земја во регионот која ја потпиша Финансиската спогодба, со што се овозможи користење на средствата од ИПА-фондовите. 

На 1 јануари 2008 година стапи во сила Спогодбата за визно олеснување и Спогодбата за реадмисија со ЕУ.

На 18 февруари 2008 година Европскиот совет го усвојува пристапното партнерство за земјата, обновувајќи го претходното европско партнерство од 2006 година.

Во февруари 2008 година започна дијалогот за визна либерализација за граѓаните на Република Македонија.

Во март 2008 година Европската комисија ја усвои комуникацијата за Западен Балкан, во која се изложуваат одредниците за преминување во следната фаза од пристапниот процес. Во мај 2008 година Европската комисија го презентираше патоказот за визна либерализација, во кој јасно и прецизно беа дефинирани одредниците по блокови, кои требаше да се исполнат од Република Македонија.
Од страна на Европскиот парламент, на 12 март 2009 година, е усвоена Резолуција за извештајот за напредокот на Република Македонија во 2008 година, во која се предлага започнување на преговорите за членство во ЕУ.   
   
На 15 јули 2009 година Европската комисија, врз основа на направените реформи и постигнатите резултати, одлучи да даде предлог за доделување визна либерализација за граѓаните на Република Македонија.

Европската комисија на 14 октомври 2009 година одлучи да предложи отворање на преговорите за пристапување на Република Македонија во Европската Унија. Одлуката беше донесена врз основа на убедливиот напредокот и на значителната работа на клучните реформски приоритети, а особено врз основа на исполнувањето на копенхашките политички критериуми.
 
На 1 декември 2009 година стапи во сила Лисабонскиот договор, кој го отвори патот за реформи на институциите за нови проширувања со нови земји членки во ЕУ, вклучително и Република Македонија Стапувањето во сила на Лисабонскиот договор ги зголеми надлежностите на Европската Унија, Европскиот парламент и на националните парламенти на земјите членки. 

На 30 ноември 2009 година Европскиот совет донесе одлука за визна либерализација за граѓаните на Република Македонија, со важност од 19 декември 2009 година. 

На 10 февруари 2010 година Европскиот парламент ја изгласа Резолуцијата по извештајот за напредокот на Република Македонија во 2009 година, во која бара од Европскиот совет, без натамошно одложување, на Самитот во март 2010 година да ја потврди препораката на Европската комисија и да донесе одлука за започнување на преговорите за членство со Република Македонија, со напомена дека јасната перспектива за членство во ЕУ е главната движечка сила за реформи во земјата, од исклучителна важност за политичката стабилност и заедничка цел на политичките актери и на етничките групи во Република Македонија.  

Во март 2020 година се случи долгоочекуваната одлука на Советот на ЕУ, потврдена од Европскиот совет, за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Беше предвидено преговорите да се организираат и да се одвиваат врз основа на претходните искуства, особено оние од проширувањата од 2004 г. (Big Bang со 10 нови членки), од 2007 (Бугарија и Романија) и од 2013 година (Хрватска), како и врз основа на постојните преговори со Црна Гора и со Србија, земајќи ги предвид сите елементи од новата методологија за зајакнати критериуми. Новата методологија е значително изменета, преговорите стануваат силно политички, покредибилни, динамизирани и условени.

До овој момент Република Северна Македонија сѐ уште очекува датум за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Европската Унија. 


ЗАКЛУЧОК

Иако критериумите за започнување преговори со Европската Унија стануваат сѐ потемелни и позаострени со дополнителни барања, Република Северна Македонија останува на својата стратешка определба да биде дел од европското семејство. Исполнувањето на критериумите, зададени како дел од процесот на преговарање, ќе значи поставување рамка на политичко, правно и на економско дејствување, кое ќе донесе придобивки на секое поле и ќе овозможи достигнување на европските вредности. 

Долгиот период на патот кон ЕУ придонесе голем дел од обврските и од приспособувањата на законодавството во Република Северна Македонија да се хармонизира со законодавството на Европската Унија, што ќе претставува скратување на периодот за преговори оној момент кога ќе почнат. Северна Македонија се најде во несекојдневна ситуација на делумно спроведена прва фаза од аналитичкиот преглед (септември 2018 – декември 2019), имајќи предвид дека и во 2018 и во 2019 година дојде до одложување на одлуката за почеток на преговорите, следена со промена на методологијата за пристапни преговори (февруари 2020) и со одлуката за почеток на преговорите (март 2020). Ова значи дека веќе досега само првата фаза од скринингот се одвива повеќе од 22 месеци, што, споредбено со другите земји кои се во процес на преговори, е предолг период. Но сите овие одложувања и предизвици со кои се соочуваме треба да бидат искористени во наш интерес и, без разлика кога ќе ги почнеме преговорите, да го искористиме периодов со сопствени сили да ги примениме промените што ќе значат европски вредности. 

Јадранка Аризанковска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување