Соработка помеѓу „Еуроникел Индустри“ и средното техничко училиште во Кавадарци - поддршка за практичната настава на учениците
➢ Актуелно (16.12.2020)
👁 Прочитано: 565




Соработка помеѓу „Еуроникел Индустри“  и средното техничко училиште во Кавадарци - поддршка за практичната настава на учениците

„Еуроникел Индустри“ потпиша Меморандум за соработка со Средното техничко училиште „Ќиро Спанџов-Брко“ од Кавадарци со којшто овозможува поддршка за практичната настава на учениците. Меморандумот приоритетно опфаќа феријална пракса и практична настава од машински и електро струки, што е задолжителна фаза од продолжувањето на техничкото образование, но и поддршка на проекти кои имаат за цел подобрување на образовните процеси. Оваа година со оглед на ситуацијата, компанијата веќе реализираше феријална пракса за 40 ученици од ова училиште, а практичната настава е условена од здравствената состојба и ќе се реализира штом се создадат соодветни услови.

„Потпишувањето на меморандумот за соработка се базира на взаемни придобивки. Нашата инволвираност е дел од општествената одговорност на „Еуроникел Индустри“ и има за цел силен и постојан поттик и поддршка за образовните процеси во целост. Во поддршката на техничкото образование на младите кадри, нивното оспособување во квалитетни и професионални профили ја гледаме иднината за економскиот развој на градот и затоа вложуваме во нив. Како еден од водечките индустриски капацитети и „Еуроникел Индустри“ има постојана потреба од вакви кадри, кои во иднина својата перспектива може да ја создаваат и градат како дел од нашиот индустриски капацитет со меѓународно искуство и големи можности”, изјави Герасим Кујунџиев, директор на „Еуроникел Индустри“.

Соработката меѓу еден од најзначајните индустриски капацитети во градот и техничкото училиште каде се образуваат кадри потребни за индустријата, се проширува и на поддршка на училиштето во изработка и учество на разни проекти со кои се подобрува квалитетот на наставата и се отвораат едукативни перспективи за учениците.

Служба за информирање при Комората