СО ДЕЛОВЕН EXCEL ДО ПОДОБРИ АНАЛИТИЧКИ ВЕШТИНИ
➢ Актуелно (11.12.2020)
👁 Прочитано: 728




СО ДЕЛОВЕН EXCEL ДО ПОДОБРИ АНАЛИТИЧКИ ВЕШТИНИ

Познавањето на MS Excel е предност во која било дејност или занимање, поради што инвестирањето во практична обука за оваа програма е непогрешлив избор. Она што го прави Excel најдобра табеларна програма на сите времиња е неговиот математички апарат, чија главна сила ја чинат голем број функции и формули, кои овозможуваат решавање на помалку или повеќе сложени проблеми и креирање брзи, ефикасни и компактни табели.

Знаејќи ја важноста на Excel, Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Македонија на 11 декември 2020 година организираше „онлајн“-семинар на тема „ДЕЛОВЕН MS EXCEL 2016 – УНАПРЕДИ ГИ СВОИТЕ ВЕШТИНИ“.

На семинарот учесниците практично применуваа табеларни пресметки, формули и функции, условно форматирање и графички прикази на податоци во рамки на ќелија, сѐ со цел ефикасност во решавањето различни задачи од работното секојдневие. Беа опфатени и пивот-табелите, со кои на брз, лесен и на ефикасен начин се врши анализа и правење извештаи. На семинарот беше демонстрирано и креирањето dashboard (контролни табли) – визуелен интерфејс кој дава визуелен преглед на целосното работење, врз основа на што бргу се донесуваат одлуки. Главна карактеристика на современото работење се брзите и непредвидливи промени, поради што понекогаш е потребно да се направат повеќе варијанти на извештаите, земајќи ги предвид неколкуте можни алтернативни вредности на податоците. Затоа на семинарот се обработи и областа за креирање сценарија.

Предавач на семинарот беше Ирина Иванова, дипломиран инженер и професор по информатика веќе 19 години. Обучувач во областа на ИТ. Активно е вклучена во проекти финансирани од ЕУ, УСАИД и од Британскиот совет како експерт и обучувач. Воедно е  ET-winning и Scientix-амбасадор за Македонија. Учесник е на голем број конференции, но и автор на прирачници за основно и на учебници за средно образование.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија