ОДРЖАН ДВОДНЕВЕН „ОНЛАЈН“ СЕМИНАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИСКИ И СО БЕЗБЕДНОСНИ РИЗИЦИ
➢ Актуелно (11.12.2020)
👁 Прочитано: 711




ОДРЖАН ДВОДНЕВЕН „ОНЛАЈН“ СЕМИНАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИСКИ И СО БЕЗБЕДНОСНИ РИЗИЦИ

Во услови на сѐ поголема употреба на дигиталните технологии во работењето, заштитата на компјутерските мрежи и нивното надгледување се од големо значење за нормално функционирање на електронската инфраструктурата, особено во време на пандемија, кога голем дел од работните процеси се извршуваат од локации физички оддалечени од компанијата. Навременото идентификување на ризиците од информациски и од безбедносен аспект дава можност за нивна проценка, за преземање соодветни активности за нивно избегнување или за соодветно пресретнување, во насока на елиминирање на негативните последици врз работата и врз репутацијата на организацијата. Без разлика дали станува збор за природна катастрофа или за последица предизвикана од човечки фактор, потребно е секоја организација да поведе сметка и да ги заштити податоците, за да не се доведе во ситуација која го нарушува имиџот, ја намалува кредибилноста на организацијата и влијае врз довербата на корисниците. Хакирањето сајтови стана честа појава, па добрата заштита и сигурносната копија на податоците се од суштинско значење за брзо надминување на кризните ситуации.

За таа цел, Стопанската комора на Македонија организираше дводневен „онлајн“-семинар на тема: „УПРАВУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИСКИ И СО БЕЗБЕДНОСНИ РИЗИЦИ“, чија цел беше воведување на менаџерите во управувањето со безбедносните и со електронските ризици, преку соодветно дефинирање и преку реално проценување на ризиците во компанијата, како и подобро разбирање на електронските контроли што се применуваат за намалување или за отстранување на воочените ризици.

Предавач на семинарот беше Лука Милинковиќ, ИТ-ревизор во „НЛБ банка“ Белград, одговорен за информациска и за апликативна контрола. Милинковиќ има повеќегодишно искуство со контрола и со управување со ИТ-ризици, со специјализација во областа на дефинирањето на ИТ-процеси (ITIL-процеси) и со примена на самата контрола.

Стопанската комора на Македонија, преку Центарот за едукација и развој на човечки ресурси, активно ги следи барањата и потребите на компаниите, како и трендовите поврзани со новите технологии, сѐ во насока на навремено презентирање на новините пред претставниците од јавниот и од приватен сектор и на континуирано унапредување на работењето.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија