МЕМОРАНДУМИ ЗА ПОИНТЕНЗИВНА СОРАБОТКА СО ХОТАМ И СО НАИТМ
➢ Актуелно (10.12.2020)
👁 Прочитано: 716




МЕМОРАНДУМИ ЗА ПОИНТЕНЗИВНА СОРАБОТКА СО ХОТАМ И СО НАИТМ

Претседателот на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Ана Таневска-Ѓорѓиевска, потпиша меморандуми за соработка со претседателите на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови ХОТАМ и на Националната асоцијација за дојдовен туризам НАИТМ, Крсте Блажевски и Влатко Сулев. Идејата е преку воспоставување повисок степен на деловна соработка во рамките на дејноста да се обезбеди единствен професионален интерес за членките на бизнис-асоцијациите.

Целта е унапредување на работењето и решавање на тековните проблеми во дејноста; перманентно функционално образование и иновација на знаењата на стручниот кадар од дејноста; поттикнување на примената на европските правила и стандарди; иницирање и остварување соработка за прашања од заеднички интерес итн.

Со потпишување на меморандумите ќе се обезбеди заемна размена на информации од областите од заеднички интерес, како и соработка во решавање на клучните прашања од значење за бизнис-секторот. Исто така, ќе се поттикне заедничко иницирање измени и дополнувања на законската рамка, во согласност со потребите на субјектите кои функционираат во рамки на дејноста, како и заедничко учество, соработка, аплицирање и реализација на проектни активности. Ќе се поттикне и обезбедување квалитетни деловно-стручни услуги за членовите на асоцијациите, како и иницијативи за заедничко учество на разни саемски манифестации, форуми, бизнис-средби, стручни расправи, работилници и слично во земјата и во странство.

Остварувањето на целите од меморандумите ќе се реализира преку организација на заеднички настани, како на пример средби, конференции, тркалезни маси, форуми, стручни расправи, работилници и други настани. Но и заемна промоција на активностите, како и на други активности од заемен интерес.

 

 

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија