Работна средба на претставници на бизнис-секторот угостителство и туризам со министерот за економија Крешник Бектеши РЕАЛИЗАЦИЈА НА ДОСЕГАШНИТЕ МЕРКИ И ИНИЦИЈАТИВИ ЗА НОВИ ПРЕДЛОЗИ – ПРЕДМЕТ НА РАЗГОВОРОТ
➢ Актуелно (07.12.2020)
👁 Прочитано: 484




РЕАЛИЗАЦИЈА НА ДОСЕГАШНИТЕ МЕРКИ И ИНИЦИЈАТИВИ ЗА НОВИ ПРЕДЛОЗИ – ПРЕДМЕТ НА РАЗГОВОРОТ

 Претставници од бизнис-секторот угостителство и туризмот, како и членки на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, на Комората за туризам и угостителство при ССК и на Асоцијацијата за дојдовен туризам НАИТМ реализираа работна средба со ресорниот министер Крешник Бектеши и со неговиот тим од секторот при Министерството.

На средбата министерот информираше за реализираните мерки од четвртиот пакет во делот за доделување грантови за одделни дејности во рамки на туризмот и угостителството.

Претставниците на бизнисот информираа дека грантовите делумно ќе помогнат за ублажување на исклучително лошите финансиски резултати во компаниите, но како клучен проблем остана неможноста фирмите од овој сектор да ја искористат мерката за поддршка на платите во последните три месеци од годината. Во таа насока, компаниите на средбата побараа директно министерот да се вклучи и, сепак, да излобира за измена на законската обврска со која исплатата на плати за работниците се врзува со зачувување на истиот број вработени со август, како и за ограничување на неисплаќањето дивиденди, бонуси и награди за периодот пред започнување на кризата предизвикана од вирусот КОВИД 19.

На адреса на Министерството беше упатено и барањето да се овозможи видливост на условите за престој во земјава за странски туристи, но и за деловни гости, кои моментално не се доволно разјаснети од соодветните владини служби, нивни превод на англиски, како и поддршка преку државни ПЦР-тестови за странски туристи, кои, сепак, имаат можност да патуваат, а на враќање во својата земја им е потребен валиден ПЦР-тест.

Во согласност со последователната студија изработена за негативните ефекти од КОВИД 19 врз туризмот и угостителството, секторот се соочува со целосен колапс, со намалени приходи и до 90 % и со намален број вработени и до 50 %. Ако на ова му се додадат и проекциите во согласност со студијата дека кризата ќе продолжи и во 2021 г. со пад на обртот од 60 %, а во 2022 г. од 40 % и дека обновување на пазарот и достигнување на квалитетите од 2019 година се очекува најрано во 2023 година, до 2025 година, треба сериозно да се проценат ефектите од предлог-мерките.

Министерот информираше дека во следниот период ќе се подготвува годишната програма на Министерството за следната 2021 година и во таа насока, а со цел поддршка на секторот и поголема промоција, се очекува предлози од компаниите преку бизнис-асоцијациите да бидат доставени до крајот на овој месец.

Во согласност со аплицирањето за грантови од четвртиот пакет-мерки, министерот информираше дека има повеќе од илјада апликации од компании од секторот туризам и угостителство на јавниот повик за субвенции, од кои дел се од приватните сместувачки капацитети во делот за враќање на туристичката такса. Нагласи дека до моментот пред да се објави јавниот повик во Министерството за економија имало само 20 категоризирани ресторани за свадба, а во согласност со податоците што ги имаат сега, додаде, има над 100 апликации кои ги исполнуваат условите и кои ќе добијат грант, што придонесува и за формализација на овој многу значаен сектор.

За иницијативата недела да биде неработен ден министерот Бектеши посочи дека секторот туризам и угостителство треба да работи и во недела, имајќи предвид дека сакаме да го подобриме туризмот во нашата држава и да привлечеме што е можно поголем број странски туристи.

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија