ЗАПОЧНА ИЗМЕНАТА НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА ЗА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА
➢ Актуелно (04.12.2020)
👁 Прочитано: 769



ЗАПОЧНА  ИЗМЕНАТА НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА  ЗА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА

Стручниот и квалификуван кадар кој поседува соодветни квалификации е од клучно значење за продуктивно работење на бизнис заедницата и создавање погодна клима за инвестиции, а тоа бара квалитетно и функционално стручно образование кое ќе обезбедува стручни знаења и вештини за учесниците во образовниот процес и ќе биде флексибилно да излезе во пресрет на потребите на бизнис заедницата. Тоа е можно доколку има олеснети постапки и процедури и нема ограничувачка законска регулатива, што значи квалитетен и применлив Закон за стручно образование и обука,  за што со години наназад укажуваше Стопанската комора на Македонија.

За таа цел, во Стопанската комора на Македонија се одржа состанок на работната група во која членува и претставник на Комората, за изменување на Законот за стручно образование и обука во насока на олеснување и функционалност на стручното образование и надминување на предизвиците со кои се соочуваат заинтересираните страни, учесници во стручното образование. Закон кој ќе биде применлив во праксата.

Фокусот на работната група беше ставен на практичната обука, учењето преку работа и моделот на дуалното образование, како и на организацијата и функционирањето на Регионалните центри за стручно образование и обука и усогласување на дел од терминологијата.

Но најважно од сè е подигање на свеста дека  стручното образование и бизнис зедницата не смееме да гледаме како  два одвоени света, туку како на парнери во реализирање на заедничката општествена и економска цел - создавање стручни кадри и одржлива економија.

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија