ЕДЕН ПОИНАКОВ ПОГЛЕД НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА АРБИТРАЖАТА ВО КОРИСТ НА БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА (IV)
➢ Актуелно (04.12.2020)
👁 Прочитано: 784


И ТОА Е МОЖНО
АРБИТРАЖАТА ВО КОРИСТ НА БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА (IV)

Проблемот со долгите судски постапки и со наплатата на побарувањата поттикнува незадоволство кај бизнис-заедницата, што резултира со недоверба во судскиот систем и во владеењето на правото. Но, затоа постојат алтернативни начини за побрзо и за поефикасно решавање на споровите. Еден од нив е арбитражата. Знам дека во меѓународната пракса арбитражата станува неопходен и ефикасен начин да се заштеди на беспотребно потрошеното време, на долгите парничења, кои би траеле до недоглед, и на потрошените пари во процесот . Тоа, всушност, значи вонсудско решавање на спорот, во кој страните доброволно го довериле одлучувањето за спорот на еден или на тројца неутрални и независни лица арбитри. Арбитерот донесува полноважна (мериторна) одлука откако ќе ги сослуша двете страни. Преку арбитражата спорот дефинитивно и конечно е решен . Најважно од сè, државата ја признава арбитражата, а одлуките што се носат се правосилни и извршни. Со еден збор, за меѓународната трговска размена арбитражата е најефикасниот начин за решавање на стопанските спорови и во повеќе од 90 % од случаите компаниите повеќе ја претпочитаат арбитражата од домашните судови, кога станува збор за меѓународен договор или за меѓународна трговија.

Но навистина не знаев, сè до моето вработување во Стопанската комора на Македонија, дека во нашата земја институцијата Постојан избран суд – Арбитража за арбитражно решавање спорови е дел токму од Стопанската комора на Македонија. Тоа е можеби резултат на незаинтересираност или на неинформираност, а неинформираноста во животот секогаш нѐ тера да одиме по потешкиот пат за да дојдеме до решение. Во случај на спор тоа би значело решавање на спорот преку долгометражни судски постапки на кои не може да им се види крајот. Колегите ме информираа дека за подигнување на свеста за користење на арбитражата и за почесто договарање на надлежноста на Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората, како и за предностите од користењето на арбитражата, во Комората се одржале многу семинари, инфо-денови, директни посети на компании, како и конференции, на кои учествувале светски познати практичари и професори.

Од љубопитност решив малку поблиску да се запознаам со работата на Постојаниот избран суд – Арбитража, кој и во услови на пандемија не престана да работи. Неговото постоење како институција надлежна за арбитражно решавање спорови без меѓународен елемент и спорови со меѓународен елемент датира од 1993 година и функционира речиси 27 години. Основана во согласност со Законот за стопанските комори и со Статутот на Стопанската комора на Македонија, Арбитражата при Стопанската комора на Македонија е надлежна за решавање спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите на Р С Македонија, доколку странките ја договорат нејзината надлежност . Работењето на Арбитражата е поврзано со Законот за парнична постапка (со кој се уредува внатрешната арбитража, односно арбитражата која се однесува на решавање спорови без меѓународен елемент), со Законот за меѓународна трговска арбитража на РМ (со кој се уредува меѓународната арбитража, односно арбитражата која се однесува на решавање спорови со меѓународен елемент) и со Правилникот на Постојаниот избран суд - Арбитража при Стопанската комора на Македонија , а своите надлежности ги врши преку претседателот на Арбитражата, потпретседателите и другите членови на Претседателството, секретарот на Арбитражата и преку арбитрите (арбитри поединци или арбитражни совети). Колешката Нена Николовска е секретар на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија.

И, најверојатно, би се запрашале што е поразлична постапката пред Постојаниот избран суд – Арбитража од другите судски постапки или, едноставно, зошто да ја користиме арбитражата. Сосема е јасно дека би кажала - има многу предности.

  • Прво и основно, непристрасност во одлучувањето, затоа што преку изборот на арбитер ризикот за пристрасност во одлучувањето се сведува на минимум.
  • Второ, стручноста на арбитрите кои учествуваат во решавањето на споровите, најчесто познати и признати експерти во својата област, кои за својата независност и непристрасност во постапката се должни да дадат писмена изјава.
  • Трето, степенот на одлучување, според кој предметот на спорот се одлучува во еден степен, што овозможува брзо завршување на постапката, наспроти долгите судски постапки и постапките по редовни и по вонредни правни текови.
  • Четврто, брзината на постапката, која вообичаено трае од 6 до 9 месеци, наспроти стопанските спорови кои траат повеќе од една година, а некогаш и многу повеќе.
  • Петто, кратките рокови за поднесување на поднесоците, кои ги одредува Арбитражниот суд, обично не се подолги од 30 дена.
  • Шесто, доверливост на постапката, што значи арбитражните рочишта се затворени за јавноста, наспроти судските рочишта, кои се јавни. Документацијата се смета за доверлива, а донесената пресуда се објавува само во согласност со странките.
  • И, најважно, правосилноста и извршноста на арбитражната одлука. Арбитражната пресуда е конечна, правосилна и извршна и ги обврзува странките пресудата да ја извршат без одложување. Доколку не се исполни доброволно, таа може да се изврши и по пат на присилно извршување.

Арбитражата помага да се надминат ситуациите со кои се соочува бизнис-заедницата при извршувањето на своите редовни активности и работни задачи, а особено при исполнувањето на редовните права и обврски, кои произлегуваат од склучувањето договори со меѓународен елемент.Секоја година б ројот на предмети заведени пред Постојаниот избран суд – Арбитража во Стопанската комора на Македонија бележи тренд на пораст и во најголем дел завршува со донесување пресуда .

И како заклучок: Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Македонија е формиран за ефектно и за ефикасно решавање на споровите, зашто Комората мора да се грижи и посветено да работи за членките да заштедат време и да се посветат на продуктивноста во компанијата, како предуслов за економски раст и развој на државата.

П.С. Непобитен е фактот дека Стопанската комора на Македонија е најстарата бизнис-асоцијација (остануваат уште 445 дена до 100-годишнината), најбројната бизнис-асоцијација (со вкупно 15.000 членки) и најмоќната бизнис-асоцијација (од аспект на генерирање 50,3 % од вкупниот приход и 47,6 % нето-добивка преку своите членки), што е поткрепено со податоци од Централниот регистар на државата, но, уште поважно, дека секој трет вработен во државава или 33,7 %, е вработен во фирмите, членки на Комората.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија