Комерцијална банка прогласена за Банка на годината во 2020 година од магазинот The Banker
➢ Актуелно (03.12.2020)
👁 Прочитано: 335



Комерцијална банка прогласена за Банка на годината во 2020 година од магазинот The Banker

Комерцијална банка АД Скопје  е прогласена за „Банка на годината во 2020 година“ во Република Северна Македонија од страна на  финансискиот магазин The Banker.

Од Комерцијална банка информираат дека освен како високо признание за постигнатите резултати во работењето, значењето на наградата е уште поголемо бидејќи таа е признание и за лидерството што го покажа Банката во оваа година во која земјава, како и цел свет, со соочува со пандемија од досега невидени размери.

На свеченото прогласување на победниците, што се одржа вчера во Лондон преку Интернет презентација, поради вонредните услови наметнати од вирусот Covid-19, свое обраќање имаше Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Во своето обраќање таа се заблагодари во името на тимот на Комерцијална банка за доделувањето на оваа престижна награда.

-Оваа година беше и се уште е многу тешка поради условите наметнати од вирусот Covid-19. Ние ги вложуваме сите напори за да одржиме континуитет во нашите активности и да ги обезбедиме сите банкарски услуги за нашите клиенти на начин кој обезбедува и заштита на здравјето. Ќе продолжиме да работиме на истиот начин и во иднина, порача Стевкова Штериева.

Комерцијална банка ја добива наградата „Банка на годината“ од The Banker по 8-ми пат. За оваа награда, која се смета за „стандард за банкарска извонредност“, магазинот The Banker (издание на Financial Times), разгледува широк спектар на критериуми. Наградата се доделува на банките кои покажале успешни финансиски резултати, успех во целокупната деловна стратегија со кој оствариле конкурентска предност, унапредување и развој на технологијата и на производите и услугите, како и соодветен одговор на кризата наметната од Covid-19.

Како што се нагласува во соопштениео, остварените резултати секоја година ја рангираат Комерцијална банка во самиот врв на македонскиот банкарски сектор. Банката ја гради својата лидерска позиција преку професионално, стручно и одговорно работење, континуирана финансиска поддршка за раст и развој на компаниите, и понуда на иновативни производи и услуги креирани согласно потребите на клиентите. Инвестициите во технолошката инфраструктура на Банката го доведоа дигиталниот свет на банкарски услуги се поблиску до граѓаните и компаниите. А, помошта и поддршката што ја дава Комерцијална банка за општеството придонесоа за унапредување и подобрување на образовниот процес, здравствениот сектор, културата, уметноста. Наградата „Банка на годината“ е доказ дека се движиме во вистинската насока – велат од банката.

Комерцијална банка АД Скопје  е долгогодишна реномирана членка на Стопанската комора на Македонија.

 

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Македонија