Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите НЕДЕЛА ДА ОСТАНЕ РАБОТЕН ДЕН ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО
➢ ИНТЕРВЈУ (01.12.2020)
👁 Прочитано: 859



НЕДЕЛА ДА ОСТАНЕ РАБОТЕН ДЕН ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО

Глобалниот предизвик за справување со пандемијата на корона-вирусот и приспособувањето кон новите услови за живот и работа влијаеше врз продуктивноста на трудот и врз организацијата на работните процеси, што особено се почувствува во градежништвото поради природата на изведување на градежните активности и поради спецификите на дејноста.

Поради тоа, во следниот период и по завршување на кризата потребно е да креираме атмосфера во која би постигнале поголема продуктивност на трудот и побрзо заздравување на домашната економија, а градежништвото има потенцијал да биде движечка сила на економијата. Нашата држава има ограничени можности развојот да го заснова на искористување природни богатства, па поради тоа сметаме дека треба да го заснова, пред сѐ, врз продуктивноста на трудот и врз креирање поголема додадена вредност.

Работните услови се значаен фактор за остварување на целта, меѓутоа не треба да дозволиме подобрувањето на работните услови да се гледа низ призмата на зголемувањето на празниците или неработните денови, туку низ призмата на мотивираноста и продуктивноста на работниците. Затоа, треба да остане можноста денот недела да биде работен ден за градежништвото како стопанска гранка, со можност правото на неделен одмор да се користи во другите денови од неделата согласно важечките законски прописи. Предуслов за поголема продуктивност, според компаниите, треба да биде доследното почитување на правата на работниците, но и флексибилноста при организирањето на работните процеси. 

Работењето во градежништвото е условено од повеќе фактори:

  • временските услови: градежните компании не работат со ист интензитет во текот на целата година, туку работата зависи од временските услови и од климатските фактори, поради што мора да се дозволи да се искористат сончевите денови во годината и поволната клима;
  • роковите: реализацијата на проектите е врзана со рокови, кои, доколку не се испочитуваат од деловните субјекти, се плаќаат договорни казни и пенали за секој ден задоцнување, а иницираната мерка би се одразила негативно не само врз реализацијата во недела туку и во текот на целиот викенд и би влијаела негативно врз исполнувањето на роковите;
  • технологијата: во градежништвото се користат различни видови машини и опрема, кои имаат посебен начин на работа и кои во голем дел ја одредуваат и конкурентноста на компаниите, поради што е потребно да се остави слобода при креирањето на работните процеси, при дефинирањето на динамиката за изведување на градежните активности и при искористувањето на потенцијалот со кој располагаат компаниите;
  • спецификите на градежните материјали: градежните материјали што се користат во градежништвото имаат различни својства, па квалитетот на градбите е директно условен од брзината и од континуитетот на изведбата, при што одредени градежни работи не трпат одлагање (пр. бетонирање, асфалтирање и сл.);
  • спецификите на работните процеси: работата во градежништвото е теренска и на отворено, а кај инфраструктурните проекти подразбира и транспорт и патување на работниците, па доколку недела биде неработен ден, тоа сериозно би се одразило врз континуитетот на изведбата и би предизвикало негативни последици врз компаниите од финансиски и од организациски карактер. 

Поради наведеното, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите смета дека иницијативата за прогласување на недела како неработен ден, пред нејзиното натамошно процесирање, треба да биде предмет на широка дебата и дискусија меѓу засегнатите страни, во чии рамки ќе бидат земени предвид спецификите на работењето во одделните економски сектори, а во случај на евентуални законски измени, градежништвото таксативно да биде изземено од примената на законските измени. 

Служба за информирање при Комората