ИТНИ МЕРКИ ВО КЛУЧНИТЕ СЕКТОРИ - ОСНОВА ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ ВО ПОСТКОВИД - ПЕРИОДОТ
➢ Актуелно (23.11.2020)
👁 Прочитано: 1528




ИТНИ МЕРКИ ВО КЛУЧНИТЕ СЕКТОРИ - ОСНОВА ЗА РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ ВО ПОСТКОВИД - ПЕРИОДОТ

Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија континуирано презема активности во насока на поголема препознатливост и промоција на Комората како институција, која се залага за развој на домашното земјоделство, поставување идни насоки за негов развој, со целосно приспособување на секторот кон зголемените очекувања на потрошувачите и кон добрите практики на европската регулатива од оваа област, со што придонесува за работењето на компаниите во овој сектор, беше кажано на денешнната прес конференција која се одржа во Стопанската коморра на Македонија.

За таа цел, на 11.11.2020 година комората организираше работна средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, и со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на тема Актуелни состојби и идни насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија “.

Земјоделството и прехранбената индустрија во Република Северна Македонија, економски гледано се третиот најголем сектор, кој има значаен придонес во бруто – домашниот производ (БДП), надворешната трговија и во јавната и приватната потрошувачка, а пак, социјално гледaно, овие две индустрии заеднички се голем работодавач со вкупно 10.967 активни претпријатија.

Млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството се клучните потсектори во агроиндустријата со потенцијал за развој, за што бизнис - секторот има конципирано предлог - мерки. Но изминатата година кулминираа проблемите во сите четири сектори, што покажа дека е потребно интервентно решавање на одредени суштински проблеми за да се зачува сточниот фонд, лебното жито и лозарството како стратешка суровинска база за дури потоа да може да се размислува за стимулативни мерки што ќе доведат до раст.

Производството на млеко во државава се карактеризира со голем број мали фарми – традиционални фармери (75 % од вкупниот број), кои имаат нископродуктивни 1 -3 крави, со ниско годишно производство на млеко од 2-3 илјади литри по крава. Многу е мал бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави (околу 3 % од вкупниот број) со висока продуктивност и со годишно производство на млеко од околу 5 илјади литри по крава. Само 1 % од фармите имаат повеќе од 50 грла и треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за другите фарми (репродуктивни центри).

Следејќи ја анализата за факторите што доведуваат до вакви состојби, се наметнува потребата од интервенции во примарното производство, со воведување стандарди со кои се определуваат основните услови на одгледување на добитокот, генерални правила за хигиена во примарното производство, како и ревидирање на почетокот на спроведување на системот за плаќање на суровото млеко врз основа на квалитетот, донесен во февруари 2002 година.

Две работи е приоритетно да се направат:

  • воспоставување рамнотежа меѓу откупната цена на млекото и неговиот квалитет.Домашните млекарници, поради несоодветен хемиски соста не можат да им конкурираат на увезеното млеко и млечни производи не само од земјите на ЕУ туку и од регионот на Западен Балкан и

  • субвенциониран трансфер на молзна стока од мали кон поголеми фарми ќе дојде до пренасочување на сите молзни крави во поголемите фарми, зголемена ефикасност и профитабилноста, до подобрување на квалитетот на млекото и до намалување на огромните логистички и пред се транспортни трошоци на млекарниците.

Месната индустрија во земјава ја сочинуваат околу триесетина современи производствени капацитети за преработка на месо и за производство на сувомесни производи, кои во целост можат да ја задоволат побарувачката на домашниот пазар. Еден од основните проблеми со кои се соочува месната индустрија е недостиг на суровини за преработка. Производството на свинско месо е недоволно за да ги задоволи потребите на пазарот за свежо месо, поради што домашните производители се принудени да увезуваат свежо и замрзнато свинско месо за преработка како суровина, при што се изложени на високи царински давачки. Од друга страна, постои бесцарински увоз на готов производ од земји со кои се склучени билатерални договори, како што се Србија и Црна Гора, Хрватска и БиХ, од кои во земјава влегуваат 1 900 тони готов производ секоја година без царина. Со тоа, домашните производители се ставени во нерамноправна положба, па наместо македонските производители да станат извозници, тие се борат за задржување на домашниот пазар.

Одлуката на Владата за бесцарински увоз на свинско замрзнато месо како инпут за домашната месопреработувачка индустрија ги даде првите позитивни резултати веднаш со воведувањето. Имено, иако реалните економски ефекти врз одлуката, донесена во јуни 2018 г. започна во четвртиот квартал на 2018 г., а позитивните резултати се повеќе од задоволителни. Со вакво темпо се очекува месната индустрија повторно да стане нето - извозник и да остварува забележителен девизен прилив. Исто така, економските ефекти од воведената автономна мерка од Владата претставува дополнително оправдување за барањето на домашните преработувачи на месо и преработки од месо таа да се преточи во постојано законско решение за потребите на месната индустрија.

Винската индустрија претставува важна стратешка индустриска гранка во земјава и заедно со лозарството учествува со 17 – 20 % од бруто-домашниот производ во агросекторот. Индустријата вкупно откупува од 250 до 300 илјади тони грозје годишно, во зависност од бербата, и произведува од 95 до 120 милини литри вино годишно, со што индустријата директно влијае и врз развојот на земјоделското производство. Со годишен извоз од 50 милиони евра, значајно придонесува во остварувањето на егзистенцијата на околу 30.000 инивидуални земјоделски стопанства, 12.000 сезонски работници и на повеќе од 2.500 редовно вработени лица во 72 регистрирани винарски визби.

Во последните двасет години македонското производство на вино се трансформираше од сектор со недостиг на инвестиции во лозови насади, со застарена опрема за правење вино, стареење на лозовите насади во модерен, извозно - ориентиран сектор, со приватизирани државни лозови насади, со нови интернационални квалитетни сорти грозје, со софистицирана опрема и со зголемен извоз. Новите сопственици на поранешните државни винарски визби инвестираат во надградба на опремата, реконструкција на винарските визби и во развој и едукација на човечките ресурси.

За подобрување на состојбите во секторот и за зголемување на пласманот потребна е итна интервенција во следните делови:

  • ревизија на начинот на субвенционирање на лозарството и да се воведе начин на субвенционирање, кое ќе води кон подобрување на квалитетот на грозјето, а со тоа и на виното;

  • окрупнување на индивидуалното производство на грозје и поттикнување на создавањето кооперативи ;

  • воведување стандарди на национално ниво за лозарството и за винарството;

  • итни измени во Законот за виното во насока на донесување регулатива за овозможување регистрација на географски ознаки за вино според европската регулатива;

  • определување стратешки буџети за интернационална промоција на пакувано вино, со која ќе се овозможи поширок опсег на финансирање и

  • користење на модерните техники и приспособување на производството кон пазарот и кон барањата на винарниите од страна на домашните лозари.

Житата се основна храна на најголемиот дел од светската популација. Најважен дел од исхрана на населението на светско ниво се оризот и пченицата. Во Македонија се произведуваат шест вида жита, но од најголемо значење се пченицата и оризот како човечка храна, додека другите се користат главно како добиточна храна. Ваквиот систем на поделба се помалку се користи во пракса бидејќи денес како специјално лебно брашно се користатоние како додатоци или во целост од брашното од рж, јачмен и пченка.

Нашата земја е нето-увозник на жито, односно не ги задоволува домашните потреби ниту со лебно жито ниту со други видови жито користени за добиточна храна. Оттука, особено важно за нас е да се искористат до максимум условите за зголемување на производството, особено на пченицата, која има најголемо учество во вкупната производство на жита, а за која даваме високи средства за увоз. Нејзиното производство е релативно нестабилно изминативе години и е резултат на нестандардна, стара технологија, а бидејќи приносите се под 4 тона по хектар, е показател за лошите сорти што се користат за семенски материјали.

Зголемување на производството на жита може да се оствари ако се активира погодниот дел за жита на необработени ораници, како и да се воведат нови технологии и сорти за повисок принос. Истовремено, потребно е државата да направи повеќегодишна стратегија за развој на овој сектор, која ќе се базира на воведување нови, квалитетни сорти, зголемување на приносите по хектар, субвенционирање според класи произведена и предадена пченица на домашните мелничари, за да можат да бидат конкурентни, со што индиректно ќе се заштитат и домашните земјоделци.

Во делот на стратегијата потребно е да влезат и следните мерки:

  • да се изнајде начин за дополнително субвенционирање на домашните земјоделци или за производителите на пченица по предаден килограм пченица кај лиценциран откупувач по класи на квалитет. Со тоа нашата пченица би имала конкурента цена во опкружувањето, а исто така, и мелниците конкурентно брашно;

  • целосно спроведување на контрола врз пуштањето во промет на увезеното брашно и

  • придржување кон постојниот Правилник за квалитет на брашното при увоз, односно да не се пушта увозно брашно во промет се додека АХВ не даде дозвола по добивање на анализите за квалитет од акредитирана лабораторија.

Политиката за субвенционирање во изминатите години не даде резултати. Од 20 милиони евра во 2006 г. до речиси 200 милиони предвидени за 2020 година, потрошени речиси една милијарда евра за сите години, а сточниот фонд се намалува, додека, пак, увозот е повеќекратно зголемен. Потребна е измена во методологијата за давање субвенции. Од некогаш голем производител на традиционални производи, пред се млеко и млечни производи, зеленчук, овошје, оранжериско производство, денес РСМ е голем увозник на овие производи. Се наметнува потребата од окрупнување на земјоделските земјишни парцели наместо негово расцепкување или пренамена во градежно земјиште. И измена во асортиментот е една од мерките која бизнис-секторот смета дека може да придонесе кон подобрување на резултатите во секторот. На РСМ и се потребни сериозни комбинати. Големите системи носат развој и мора да се поддржат. Досегашната политика ги уништи големите комбинати и земјоделски задруги, а истовремено ги намали субвенциите за големите компании од овој сектор. Потребно е да се дадат субвенции по произведен килограм производ и предаден на регистриран откупувач и преработувач, а не по површина.

Васко Ристовски
самостоен советник во Стопанска комора на Северна Македонија