ВЕБИНАР: „КАКО ДА СЕ ВКЛУЧИТЕ ВО ПРОЦЕСОТ УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА“
➢ Актуелно (23.11.2020)
👁 Прочитано: 671


Практични чекори за вклучување на компаниите, подготовка на компаниите за учење преку работа, спроведување и поддршка во процесот
ВЕБИНАР: „КАКО ДА СЕ ВКЛУЧИТЕ ВО ПРОЦЕСОТ УЧЕЊЕ ПРЕКУ РАБОТА“

Квалитетното стручно образование,  комбинирано со практична обука во реална работна средина e клучниот фактор за стекнување вештини и компетенции, како и подготовка на младите за вклучување во работните процеси, а истовремено е поврзано со обезбедување на стручен кадар потребен за стопанството и развој економијата. Тоа значи двоен пристап во учењето со комбинација на стекнување стручни знаења во училница и практични вештини и компетенции на реално работно место преку процесот учење преку работа. Учењето преку работа нуди нова парадигма на учење преку спојување на теоријата со практиката и на учениците им овозможува работни искуства во реалниот живот, каде што можат да применат стручните знаења и техничките вештини и да ја развијат својата вработливост.

Учењето преку работа се реализира преку партнерство помеѓу учениците, училиштето и силна посветеност на компаниите. Вклучувањето на компаниите во реализацијата на учењето преку работа поминува низ неколку чекори и бара исполнување на неколку услови, и токму затоа, неопходно е учеството на Стопанската комора во олеснување на процесот на вклучување на компаниите и осигурување на квалитетот во реализацијата  на учењето преку работа. За таа цел, Стопанската комора на Македонија во рамките на своите активности, во услови што ги наметна состојбата со пандемијата КОВИД 19, организира вебинар на тема: „Како да се вклучите во процесот на учење преку работа“ (практични чекори за вклучување на компаниите, подготовка на компаниите за учење преку работа, спроведување и поддршка во процесот) што ќе се одржи на 26 ноември 2020 година (четврток), со почеток во 10:00 часот.

Основна цел на вебинарот e:

-         да се подигне свеста за придобивките и поголемо вклучување на приватниот сектор во иницијативите за учење преку работа;

-        да се презентираат чекори што треба да се преземат пред, за време и по завршувањето на учењето преку работа во компаниите;

-        да се потенцира улогата на Стопанската комора што може да ја игра во текот на целиот процес во олеснувањето на компаниите при нивното вклучување во процесот и 

-        да се одговори на сите отворени прашања и проблеми со кои се соочуваат компаниите во вклучувањето во процесот на учење преку работа.

На вебинарот свое учество ќе земат г-динот Дидиер Гелиберт од Европската фондација за обуки при Европската Комисијаексперт кои работи на процесите за вклучување на приватниот сектор во учењето преку работа, Анета Петровска-Русомароски, ЕВН, Македонија, проект менаџер на Проектот „20-20-20” кои први го имплементираа учењето преку работа и м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија, самостоен советник која ги покрива образовните политики за обезбедување стручен кадар за компаниите.

Вебинарот е наменет за компании кои имаат потреба од обезбедување стручен кадар, со цел нивно вклучување во иницијативите за учење преку работа.

Ги охрабруваме компаниите кои сакаат да земат учество на вебинарот, своето учество да го пријават најдоцна до 24 ноември 2020 година, на следниве електронски пошти: mihajlo@mchamber.mk  и  beti@mchamber.mk  за да го добијат линкот за учество.

 

ПОКАНА: http://www.mchamber.org.mk/Default.aspx?mId=4&evid=3143&lng=1

 

 

Служба за информирање при Комората