Работна средба на туристичко-угостителскиот сектор со министерот Бектеши за поддршка преку мерките од четвртиот пакет државна помош
➢ Актуелно (13.11.2020)
👁 Прочитано: 1137



Работна средба на туристичко-угостителскиот сектор со министерот Бектеши за поддршка преку мерките од четвртиот пакет државна помош

На работниот состанок на министерот за економија Крешник Бектеши со претставници на коморите и на здруженијата од туристичко-угостителскиот сектор, беше презентирана програмата за финансиска поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, усвоена од Владата, во која се предвидени мерки за поддршка на овој сектор, опфатени со четвртиот сет мерки за ревитализирање на економијата во услови на COVID 19.

Министерот информираше дека со четвртиот сет мерки, со директна финансиска поддршка, предвидено е и враќање на туристичката такса за 2019 година за туристичките објекти, а преку директни грантови се опфатени рестораните, лиценцираните туристички агенции, туристичките водичи и игротеките. А, исто така, е предвидено и враќање на туристичката такса за 2019 година за туристичките објекти.

На почетокот на следната недела Министерството за економија ќе објави пет јавни повици, кои произлегуваат од овие пет мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, а се предвидени во четвртиот сет мерки што ги донесе Владата. Сите туристички агенции, туристички водичи, игротеки, ресторани што организираат свадби и други правни лица од угостителскиот сектор, кои се опфатени со мерките, ќе може електронски да аплицираат на платформата Дома си е дома“ до крајот на месецот. Министерството за економија ќе ги обработува апликациите веднаш по нивното пристигнување, со цел побрза и навремена исплата на средствата. Целта на овие мерки е преку директна финансиска поддршка да им помогнеме на сите туристички работници и угостители, кои, како резултат на пандемијата, имаа најголеми загуби, рекол министерот Бектеши на состанокот. 

Вкупната вредност на финансиската поддршка за сите пет мерки, како што информираше министерот, изнесува 7,5 милиони евра, а овие средства ќе се исплатат директно до туристичко-угостителскиот сектор до крајот на годината, односно мерката ќе се реализира во периодот ноември и декември. За мерката грантови за ресторани се предвидени 60.000.000 денари, за грантови за игротеки се предвидени 153.000.000 денари, за грантови за лиценцирани туристички агенции се предвидени 116.850.000 денари, за грантови за туристички водичи 9.800.000 денари, додека за мерката поврат на уплатена туристичка такса за 2019 година се предвидени средства во висина од 120.000.000 денари.

Претставниците на угостителско-туристичкиот сектор на состанокот со министерот укажаа на проблемот што го имаат поголем број компании од дејноста поради неможноста да аплицираат за поддршка на платите за последните три месеци од годинава, што го нуди како можност Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID 19, поради ограничувањата за задржување ист број вработени како во август 2020 година и за неисплаќање бонуси, награди и дивиденди.

Овој закон е донесен во Министерството за финансии, поради што надлежност за неговата функционалност има соодветното министерство, вели министерот Бектеши. Здружението за угостителство и туризмот при Стопанската комора на Македонија во средата (11.11.2020 година) достави барање до ресорното министерство за финансии, а Комората во текот на вчерашниот ден (12.11.2020) преку соопштение ја информираше и јавноста.

 

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија