Ана Таневска Ѓорѓиевска, претседател на Здружението на угостителството и туризмот при стопанската комора на Македонија Излагање на работната средба на тема „Актуелни состојби и идни насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“ - 11.11.2020, х. Александар Палас, Скопје
➢ Актуелно (12.11.2020)
👁 Прочитано: 1560



Излагање на работната средба на тема „Актуелни состојби и идни насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“ - 11.11.2020, х. Александар Палас, Скопје

Работната средба со наслов „Актуелни состојби и идни насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“, која се одржа во организација на Здружението на земјоделско прехранбениот сектор при Стопанската комора на Македонија (линк од веста објавена вчера од работната средба), иако навидум класична агро тема, подготвениот работен материјал, а и актуелните состојби упатуваат на фактот дека постои голема поврзаност на земјоделско-прехранбениот сектор со секторот угостителство и туризам.

Глобалната здравствено-економска криза предизвикана од вирусот Ковид-19, но и искуствата од минатото укажуваат дека овие два сектори коишто се под влијание на глобалните процеси (иако туризмот и угостителството можеби многу повеќе), се секторите кои во пост ковид периодот може да бидат основа за економски раст и развој на земјата.

Иако имаат различно учество во бруто домашниот производ на земјата, земјоделско-прехранбениот сектор повеќе од двојно учествува од туризмот, потенцијалот и перспективноста и на двете стопански гранки остава простор за меѓусебно заедничко дејствување.

Руралниот туризам е спојот на овие две дејности, иако тоа е само еден сегмент од туризмот на кој допрва треба да се работи, бидејќи законската рамка за негово функционирање во државата сѐ уште е во фаза на идеја.

Паралелно речиси и невозможно да не се потенцира дека развојот на угостителството, има директно позитивно влијание на земјоделско- прехранбениот сектор и обратно развиен земјоделско-прехранбен сектор е услов за развој на угостителството со акцент на гастрономијата. Во овој сегмент не помалку значајно е и развојот на винарството како составен дел на туристичко угостителските понуди, основ за паралелен развој на двете стопански гранки, атрактивни за туристите, доходовни за економијата. Во таа насока сакам да потенцирам дека угостителско туристичкиот сектор е вистински и голем консумент, но истовремено и промотор на земјоделско- прехранбениот сектор.

Интересот за заедничко дејствување на овие два сектора не е новина, и не почнува од сега. Во изминатиот период има доста успешни примери на успешни бизнисмени од угостителството кои вложуваат и во аграрот и обратно, стопанственици со примарна дејност земјоделство, односно прехранбен сектор кои започнуваат бизнис во туризмот и угостителството.

Стопанската комора на Македонија како куќа на бизнисот од различни сектори е местото каде сите ние заедно во овој период, но и по завршување на оваа здравствено-економска криза која остава несогледиви последици по економиите, особено по туристичко угостителски сектор нудиме предлози, иницијативи се обидуваме да изнаоѓаме излезни решенија, кои може да претставуваат дел од решенијата за пост ковид периодот, како гранки со огромен извозен потенцијал. Бараме и многу поголемо учество во донесувањето на тие решенија отколу досега.

Веруваме дека нашите два сектора имаат капацитет и можност да бидат двигател на економскиот развој на државата во пост ковид периодот. Заеднички овие два сектора имаат удел од над 16% во домашниот БДП. Доколку се работи на спојување на двата сектора (а таков потенцијал постои), успехот и економскиот удел во буџетската каса ќе бидат значително поголеми.

Искуствата од земји како Словенија и Хрватска, членки на Европската Унија,  блиски на Македонија по многу нешта, некогаш дел и од иста заедничка држава,  денеска далечни во примена на иновативни решенија треба да бидат искористени за да направи примена на докажани успешни практики во иновативни агро-туристички проекти, кои ја зголемуваат атрактивноста, но и додадената вредност на дестинацијата. 

Преку Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија на крајот на септември одржавме голема конференција за позицијата на туризмот и угостителството после кризата КОВИД-19, со иста цел како и денешнава работна средба. Да укажеме дека бизнисот има иницијативи, идеи, предлози, но има и потреба од поддршка на државата. Туризмот е дејност која во светски рамки учествува со 10% во глобалниот БДП, секој 10-ти човек е вработен во овој сектор, врзува повеќе од 15 стопански гранки со своето функционирање.

Светската туристичка организација при Обединетите Нации и во овие тешки моменти кога се поставува под знак прашање егзистирањето на многу деловни субјекти од секторот, поради целосна блокада на движењето и протокот на патници, се обидува да споделува практики и предлози за закрепнување, зајакнување на партнерства, враќање на довербата во меѓународните патувања и промовирање на соработката на секое ниво. Меѓународна туристичка организација акцентот го става на потребата од поддршка на владите, но и меѓународните организации за да може туризмот да опстои да расте и да стане поотпорен бидејќи милиони луѓе и бизниси ширум светот се негови консументи.

На Агендата на Организацијата на Обединетите Нации – ООН туризмот е еден од клучните столбови во периодот до 2030 година со цел да се обезбеди одржлив развој и понатамошно зајакнување на одржливоста и инклузивноста во целиот сектор.

Во таа насока и пораката на бизнисот треба да биде дека АГРАРОТ И ТУРИЗМОТ СЕ ЕКОНОМСКАТА НАДЕЖ ЗА ПОСТКОВИД-РАЗВОЈ. 

 

Служба за информирање при Комората