Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство - Странските компании во земјава погодени од здравствено-економската криза со препораки за спас на автомобилската индустрија
➢ Актуелно (12.11.2020)
👁 Прочитано: 1412



Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство - Странските компании во земјава погодени од здравствено-економската криза со препораки за спас на автомобилската индустрија

Во функција на што побрзо и поефикасно справување со последиците од здравствено-економската криза државата треба да ги помогне компаниите од автомобилскиот сектор, едноставно преку извесно адаптирање на мерките за поддршка на економијата. Ставот на компаниите со странски капитал е дека потребно е овозможување на финансиска поддршка за брзорастечките компании од преработувачкиот сектор, комплетно извозно ориентирани фирми кои во минатата и тековната година имаат инвестирано во земјава сериозен износ на средства. Овие инвеститори имаат сериозен пад на приходите во споредба со проектираниот раст за годинава. Освен падот на приходите, нашиот предлог е како доплнителен алтернативен критериум за градација за овие компании да биде нивото на инвестицијата како процент од реализираните приходи во претходната година. Да не се заборави дека помошта се однесува за плати на вработените, а не за сопствениците на компаниите. Државата би имала многу поголеми буџетски трошоци доколку вработените во автомобилскиот сектор и поврзани дејности останеа без работа, отколку да поддржат дел од нивните плати за лимитиран период.

За компаниите прифатливо би било да ги добијат средствата и одложено, по стабилизирање на состојбата согласно кондицијата на буџетот до крајот на 2021 година. Ова веќе беше и предложено преку Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Компаниите од секторот продолжуваат со инвестициите и покрај сите потешкотии. Сепак, не поради нивна вина, состојбата предизвика доцнење на одредени проекти, а со тоа и одложување на дел од инвестициите. Неопходно е на сите инвеститори од секторот да им се даде можност за одложување на крајниот рок за исполнување на инвестицијата, реализирање и одржување на вработувањата кои се предвидени со договорите за доделување на државна помош за период од 6-12 месеци. Ова би креирало простор за двете страни, за државата и компаниите еден партнерски пристап, да ја одржат инвестицијата и да креираат можност за идни проширувања на капацитетите по завршување на кризата.

Во некои економски мерки од уредбите видовме несреќно формулиран критериум за подобност на компаниите, а тоа е во 2019-та година да не искажале негативен финансиски резултат, односно загуба. Ние од Асоцијацијата на компании со технолошко напредно производство сметаме дека е рестриктивно и несоодветно ограничување на кругот на потенцијални корисници на поддршката. Треба да се направи усогласување со правилата на Европската Унија каде ваквата помош не се дозволува само на „претпријатија во потешкотии“. Ова е поширок поим од финансиска или сметководствена загуба или пад на приходи. Финансиската загуба или таканаречениот финансиски негативен резултат не може да биде сам по себе единствен индикатор за состојбата на потешкотии во кои се наоѓа компанијата.

Ваквиот критериум треба дефинитивно да се избегнува од мерките и законите, посебно ако се земе предвид дека првите неколку години капитално интензивните инвестиции имаат огромен сметководствен трошок за амортизација на опремата како и дополнителни трошоци неопходни за доведување на првичниот обем на производството на задолжително ниво при што капацитетите не секогаш се целосно искористени, но и ефикасноста на кадарот не е на највисоко ниво, што пак, ја наметнува и потребата за дополнителни трошоци за обуки. Сите овие категории формираат значителен дел од негативниот финансиски резултат во нивните финансиски извештаи.

Повеќе од јасно е  дека рестриктивните мерки во Европа ќе се одразат врз работењето на странските компании во земјава, вклучувајќи ги особено и компаниите од автомобилската индустрија. Дополнително, состојбата се влошува од притисокот на конкуренцијата за воведување нови технологии. Тука се и строгите протоколи за здравствена заштита на работниците во погоните, потоа растот на инфицирани, а со сето тоа проследено со пад на побарувачката на нови возила.

 

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Македонија