Панел-дискусија на членките на Комората со вицепремиерот Битиќи и со министерката Шахпаска
➢ Актуелно (12.11.2020)
👁 Прочитано: 1529



– Дебата за можните импликации за македонското стопанство од прогласувањето на недела за неработен ден
Панел-дискусија на членките на Комората со вицепремиерот Битиќи и со министерката Шахпаска

Со цел да даде придонес кон сеопфатно согледување на состојбите во сите сектори и дејности, соодветно нормирање на прашањето, како и креирање регулатива која ќе биде применлива и која ќе одговара на потребите и на можностите на македонското стопанство, Стопанската комора на Македонија, по објавените заклучоци од Владата на Република Северна Македонија за прифатената иницијатива недела да биде прогласен за неработен ден, иницираше одржување панел-дискусија со стопанствениците за ова прашање.

На панел-дискусијата стопанственици претставници на различни сектори и дејности од индустријата, градежништвото, услугите и од трговијата дискутираа со Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, и со Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија.

Стопанствениците покренаа повеќе прашања околу планираниот опфат на оваа мерка, начинот на кој истата би се имплементирала и можните ефекти врз нивното работење, особено имајќи ги предвид важечките одредби од Законот за работните односи (членови 134 и 125), како и од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (член 24).

Притоа, посочено беше дека пред да се пристапи кон какви било измени во уредувањето на ова прашање, треба да се направи детална анализа како ќе се одрази тоа врз продуктивноста и врз конкурентноста на компаниите, врз атрактивноста на државата како локација за привлекување странски инвестиции, врз можните „ефекти на прелевање“ во трговијата (пренасочување на домашните потрошувачи на други пазари од соседството, каде што трговските објекти се отворени и во недела, но и одвраќање на странските потрошувачи во пограничните региони).

Дополнително, стопанствениците укажаа дека, имајќи ги предвид тековните околности и проблемите што ги предизвика здравствено-економската криза, се поставува прашањето дали е сега моментот да се разговара за важни системски прашања од ваков карактер, при што предложија какво било решение кое би било прифатено задолжително да биде со одложена примена од најмалку една до две години.

Беше постигната согласност надлежните државни органи, преку Стопанската комора на Македонија, да ги проследат предложените законски измени кога тие ќе бидат финализирани, со обезбедување можност за произнесување на бизнис-заедницата во врска со предложените законски решенија.

 

 

Служба за информирање при Комората