УСВОЕН АКЦИСКИОТ ПЛАН ЗА ЗАЕДНИЧКИ РЕГИОНАЛЕН ПАЗАР НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
👁 Прочитано: 1311



УСВОЕН АКЦИСКИОТ ПЛАН ЗА ЗАЕДНИЧКИ РЕГИОНАЛЕН ПАЗАР НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Лидерите на шесте држави од регионот на Западен Балкан, на состанокот на Самитот во рамки на Берлинскиот процес, одржан во Софија на 10 ноември 2020 година, се согласија да ја зајакнат економската соработка во регионот преку развој на заеднички регионален пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, за да се зголеми привлечноста и конкурентноста на регионот и да се приближи регионот до ЕУ и го усвоија Акцискиот план за воспоставување Заеднички регионален пазар.

Акцискиот план, ги утврдува чекорите кон воспоставување на Заеднички регионален пазар (ЗРП) во регионот на Западен Балкан, заснован на четирите слободи на ЕУ (слободно движење на лица, стоки, услуги и капитал), при што засилена соработка се предвидува и во областите на дигитализацијата, инвестиските и иновациските политики, како и индустријата.

Акцискиот план за воспоставување Заеднички регионален пазар ќе се применува во периодот 2021-2024 година, при што се проценува дека регионалната економска интеграција може да генерира дополнителни 6 -7% раст на БДП во регионот.

Покрај обезбедувањето на слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе, акцискиот план предвидува и креирање на регионална инвестициска област – за усогласување на инвестициските политики на земјите од регионот со ЕУ стандардите и најдобрите меѓународни практики како и за промоција на регионот кај странски и интрарегионални инвеститори; регионална дигитална област – за интеграција на Западен Балкан во пан-европскиот дигитален пазар; регионална индустриска и иновациска област – за трансформација на индустриските сектори, зајакнување на регионалните ланци на снабдување и нивно поврзување со глобалните ланци на снабдување.

При тоа, ќе се работи на натамошно унапредување/проширување на зелените коридори кон граничните премини со земјите-членки на ЕУ, обезбедување на 24/7 услуга од страна на сите инспекциски служби на граничните премини,усвојување на програма за заемно признавање која ќе овозможи производите и услугите да се ставаат во промет на целиот ЦЕФТА пазар со единствена документација која е признаена од сите членки, како и воспоставување регионален пазар за е-трговија.

Формирањето заеднички регионален пазар ќе придонесе за ставање на регионот на мапата на атрактивни дестинации за глобалните инвеститори. Со брзо усогласување со ЕУ прописите и раст на можностите за работа со поголем број добавувачи, ќе се отворат нови работни места, ќе биде достапен поголем избор на производи по пониски цени за потрошувачите, а истовремено ќе им се овозможи на луѓето да работат во целиот регион. Поголем регионален пазар ќе значи пресвртница за фирмите од регионот кои подобро ќе се интегрираат во европските синџири на вредности и ќе ја зајакнат својата конкурентност на европскиот и светскиот пазар. Европската Унија ќе продолжи да биде клучен партнер на регионот во овој потфат, беше пораката од одржаниот Самит во рамки на Берлинскиот процес.

Коморскиот инвестициски форум, во кој е активно вклучена и Стопанската комора на Македонија, активно учествуваше во конципирањето на акцискиот план, и преку Бизнис Советот, кој неодамна беше конституиран, ќе биде еден од главните чинители за следење на прогресот на реализацијата на зацртаните цели во усвоениот акциски план.

Служба за информирање при Комората