Стопанската комора на Македонија и PwC Северна Македонија на 10 ноември 2020 година организираа „онлајн“ работилница на тема: Примена на Општата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ (GDPR) и новиот Закон за заштита на личните податоци во пракса
➢ Актуелно (10.11.2020)
👁 Прочитано: 980



Стопанската комора на Македонија и PwC Северна Македонија на 10 ноември 2020 година организираа „онлајн“ работилница на тема: Примена на Општата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ (GDPR) и новиот Закон за заштита на личните податоци во пракса

На работилницата се зборуваше и се размениа искуства за GDPR и новиот Закон за заштита на личните податоци со искусни професионалци од PwC Северна Македонија, Хрватска и Полска, од Адвокатското друштво Цветкова, Бебов и Комаревски од Бугарија, Адвокатско друштво Папазоски и Мишев, како и со преставник од Агенцијата за заштита на личните податоци.

Учесниците имаа можност да ги слушнат искуствата на експерти во практичното спроведување на проекти за усогласување со GDPR и промените во деловните процеси на друштвата што се потребни  за усогласување со одредбите на новиот Закон за заштита на личните податоци, со кој ефективно се транспонира GDPR. 
На работилницата беа дискутирани следните теми од соодветни експерти:

Досегашни искуства од усогласување со GDPR во ЕУ и Северна Македонија и улогата на контролорите кои воедно е потребно да преземат соодветни активности за подобрување, надградба и прилагодување на својот воспоставен систем за заштита на личнит податоци согласно овој Закон. Во тој контекст контролорот ќе треба да изврши длабинска анализа на постојаниот воспоставен систем за заштита на личните податоци во корелација со одредбите од Законот за заштита на личните податоци кои се применливи на операциите на собирање, обработка и чување на личните податоци. Презентерите на оваа тема беа: Даниел Јордановски од PwC Северна Македонија и Иван Мишев од Адвокатско друштво Папазоски и Мишев
На втората тема: Што е ново и зашто е потребно да се биде GDPR комплајант, како и за Закон за заштита на личните податоци и искуство со пристапот кон GDPR во Бугарија сподели и говореше Милеслава Богданова од Адвокатско Друштво Цветкова, Бебов и Комаревски од Софија, Бугарија.

За искуства од регионот, односно од земја членка на ЕУ – Хрватска сподели Џенет Гарибовиќ од PwC Хрватска. Накратко,  сподели искуство за правото за заштита на личните податоци и дека тоа не е апсолутно право, односно дека е потребно да се разгледува врската со неговата функција во општеството и дека треба да се изедначи со другите темелни права во согласност со начелните пропорционалности. Гарибовиќ, говореше за правните основи за обработка на личните податоци и како пандемијата Covid 19 влијае врз приватноста на секоја личност.

За тоа што е новина во однос на претходната легислатива во врска Новиот закон за заштита на личните податоци, презентираше Билјана Волческа од Адвокатско друштво Папазоски и Мишев. Подетален осврт даде на реформата на прописите за заштита на личните податоци во ЕУ и РСМ; Што е личен податок?; Материјална и територијална примена на GDPR и ЗЗЛП; Новини во Законoт за заштита на лични податоци; Начела за заштита на личните податоци; Основи за законска обработка на лични податоци; Зголемени обврски за информирање; Нови права за субјектите на личните податоци; Офицер за заштита на лични податоци; Дефинирање на улогата, права и обврски на контролор и обработувач, заеднички контролор; контролор v/s обработувач на податоци; Eвиденција на операциите на обработка; Проценка на влијанието врз заштитата на личните податоци; Дизајн и имплементацијата на одреден систем или услуга; Безбедност на податоците; Пренос на лични податоци надвор од земјата; Последици од неусогласеност, казни како и број на изречени казни по вид на повреда на GDPR. 

Презентерите од PwC Полска, Szymon Grabski и Krzysztof Kosmulski, говореа за  DPO Tool алатка за олеснување на работата на офицерите за заштита на личните податоци.
На крајот работилницата се заокружи со презентацијата на темата: Досегашна примена на новиот Закон за заштита на личните податоци и што следи после август 2021 година од страна на Мануела Станоевска Стоилковска, Виш инспектор за во Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија. Инспекторката сподели кои чекори ги презела Агенцијата, односно за реформите, задачите, овластувањата, состојбите и активностите од досегашната примена и кои се идните активности и планови што ќе се преземат во врска Законот за заштита на личните податоци.

На работилницата присуствуваа повеќе од 180 учесници, преставници од државниот и реалниот сектор и се стекнаа со знаење за тоа како организациите да се усогласат со одредбите од Законот за заштита на личните податоци кои се и какви се нивните обврски и одговорности , како до нивна наједноставна примена со примери од пракса, но и кои се најголемите предизвици поврзани со неговата имплементација.

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
советник во Стопанска комора на Македонија