А1 Македонија со награда „Најдобра Employer Branding кампања за 2020“
➢ Актуелно (06.11.2020)
👁 Прочитано: 1899



А1 Македонија со награда „Најдобра Employer Branding кампања за 2020“

А1 Македонија е овогодинешниот добитник на признанието за најдобра Employer Branding кампања за 2020 кое го доделува порталот Vrabotuvanje.com како централно место за пребарување на работни места во Македонија.

Признанието „Најдобра Employer Branding кампања“ се доделува со цел да го препознае и награди трудот на компаниите кои не само што вложиле најмногу, туку и постигнале најдобри резултати во полето на брендирањето на компанијата како посакуван работодавач. А1 Македонија годинава забележа пораст на бројот на прегледи на своите огласи за 39%, а просечниот број на апликации се зголеми за 50%.

Компанијата А1 Македонија е дел од Групацијата А1 Телеком Австрија, кој е водечки провајдер за комуникациски и дигитални решенија во Централна и Источна Европа, а во нашата држава повеќе од 1.100 вработени под брендот А1 Македонија, се грижат за обезбедување на најдоброто корисничко искуство за над 1.200.000 корисници.

Од компанија А1 Македонија, членка на Стопанската комора на Македонија истакнуваат: „А1 начинот на комуникација е посебен и има уникатен идентитет. Транспарентност во споделување на информации и резултати, врвно корисничко искуство, славење на заеднички успеси, креативна визуелизација на нашите трудови, се ова резултира во јасно пренесување на нашата порака.

Во услови на се поголема конкурентност на пазарот на трудот и неповолните демографски трендови, способноста да се привлечат и задржат надобрите вработени е клучна за сите компании, а секако најзначајна за секторите каде што постои голема побарувачка за дефицитарни вештини. Начинот како компаниите ги претставуваат своите практики поврзани со вработените влијае на задоволството на постоечките вработени и на перцепцијата што се креира кај идните вработени. Компаниите вообичаено ги комуницираат своите вредности, корпоративна култура, процесите, практиките а успешноста на истите можат да ја следат преку неколку мерливи параметри или како фидбек од пазарот.

Изминатиов период, во континуитет славиме признанија поврзани со Employer Branding на ниво на А1 Групацијата. Исто така неодамна, и А1 Телеком Австрија се закити со признание за најдобар Employer Branding за време на корона кризата а нам ни претставува огромно задоволство што А1 Македонија како дел од групацијата набрзо потоа го потврди истото закитувајќи се со уште една значајна награда од истата област.“

Служба за информирање при Комората