ЗЕМЈАТА, НАПРЕДОКОТ И ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА
👁 Прочитано: 2129



ЗЕМЈАТА, НАПРЕДОКОТ И ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Последниот квартал од годинава го одбележува растот на бројот на заболени лица со вирусот КОВИД 19 и Извештајот на Европската Комисија за напредокот на нашата земја.  Министерството за здравство и Комисијата за заштитата од заразни болести излегуваат со препораки за заштита и спречување на ширењето на вирусот и донесуваат протоколи за однесување во вакви состојби, но бројот на новозаболени секојдневно расте и ја надмина бројката од 1000 заболени лица. Состојбата е сериозна и понатаму сѐ ќе зависи од успешноста на справување со пандемијата, бидејќи таа видливо се одразува во сите пори на општественото и економско живеење. Здравствениот систем стои на кревки нозе, а ништо подобро не е ниту во образованието, ниту во стопанството и економијата. Се јавува и пад кај капиталните инвестиции кој изнесува 83 % и зголемување на невработеноста како резултат на состојбата со КОВИД 19 вирусот.

Во целата ситуација на справување со пандемијата, какви се забелешките на Европската комисија за напредокот на нашата земја, посебно во областа на образованието? Одиме чекор напред или чекор назад?

Извештајот покажа дека нема сериозно поместување во областа на образованието и останува иста забелешката како минатата година: Земјата е умерено подготвена во областа на образованието. Проблемот е нотиран во недостатокот на вештини кај поединците како резултат на недостатоците во образовниот систем. И повторно, 80% од невработените се долгорочно невработени, поради несовпаѓање на вештините со потребите на пазарот на труд. Ако на ова се надоврзе и забелешката дека образовниот систем е ранлив на политичко влијание и корупција, состојба што беше нотирана и во Извештаите од 2018 и 2019 година, сериозно треба да се подзамислиме зошто досега ништо не е преземено за надминување на состојбата, што ќе биде една од предизвиците кои ќе треба да ги решаваме во претпристапните преговори. Препораката во Извештајот е јасна:

Реформирање на образовниот систем со цел подобрување на вештините во согласност со потребите на пазарот на трудот.

Извештајот нотира дека препораките дадени, минатата година, во областа на образованието делумно се спроведени, меѓу кои и намалување на невработеноста кај младите. Реализацијата на активностите и мерките предвидени во Стратегија за образование 2018-2025, според Европската Комисија се одвива релативно споро. Иако невработеноста кај младите е намалена на 34,9% (од 2015 година до првиот квартал на 2020 година), причината за тоа намалување ја наведуваат во емиграцијата на младите, посебно на оние со високообразовни квалификации, што наведува на фактот дека образуваме кадри со употребна вредност за други земји.

Во Извештајот се забележува дека постигнат е одреден напредок со усвојување на новиот Закон за основно образование и новиот Закон за наставници и соработници во основните и средните училишта, иако во македонската јавност и за двата закона имаше одредени коментари, посебно дека не се хармонизирани помеѓу себе и не се создадени услови за инклузија на децата.

Извесно подобрување гледаат во ефикасноста од спроведување на реформите во четиригодишното стручното образование и обука како можност за воспоставување соработка помеѓу училиштата за стручно образование и обука и компаниите за стекнување практични вештини и во формирањето на Регионалните центри за стручно образование и обука за подготовка на кадри со стручни вештини и компетенции на барање на компаниите.

Европската Комисија посочува дека јавните трошоци за образованието и обуката не се променети 5 години и изнесуваат 3,7% од БДП, што е под просекот на ОЕЦД од 5 %. Позитивно гледа дека се подобрени стапките на запишување во средното и пост-средното образование што укажува дека се враќа атрактивноста на стручното образование и обука преку реформираните образовни програми. Европската Комисија забележува дека недостасуваат податоци за побарувачката на работна сила и предвидување на идните потреби, иако беше основана Опсерваторија за вештини во рамките на министерството за образование и наука, како битна компонента што придонесува за усогласување на потребите на пазарот на трудот и испорака на потребни вештини.

За економскиот развој на земјата и примена на новите техники и технологии во производствените процеси и општеството воопшто, неизбежно е државата да одвојува средства за истражување и иновации. За жал, Европската Комисија нотирала издвојување на многу малку срeдства за истражување и иновации и тоа само 0,4% од БДП што е значително под просекот на средствата што ги одвојуваат земјите во Европската Унија каде имаме развиено модернизирано производство. Без истажување и без иновативност во производството и производите што ги произведуваме не можеме да бидеме конкурентни на европските пазари кон кои целиме.

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија