NEAR-SHORING - МОЖНОСТ И ШАНСА ЗА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ ОД ЗЕМЈИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
➢ Актуелно (03.11.2020)
👁 Прочитано: 2253




NEAR-SHORING - МОЖНОСТ И ШАНСА ЗА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ ОД ЗЕМЈИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Во рамки на активностите на Коморскиот Инвестициски Форум (КИФ), Стопанската Комора на Македонија заедно со останатите 5 комори од земјите на западен Балкан, Германската стопанска комора (DIHK) и Виенскиот институт, работи на студија – “Near-shoring potential in the Western Balkans (Потенцијалот на земјите од Западен Балкан за near-shoring)”.

Потребата за изработка на ваква студија е предизвикана од нарушените глобални синџири на снабдување и производство како резултат на превземените рестриктивни мерки за справување со Ковид-19 кои резултираат во отежнати текови на производството во светски рамки, проблеми со дистрибуција и зголемени трошоци. Притоа, студијата коинцидира со размислувањата на компаниите од западна Европа за реалокација на своите производствени процеси поблиску до матичните земји и пазарите на кои се пласираат тие производи.  

Студијата ќе се темели на емпириска анализа заради што се подготвени неколку анкетни прашалници и тоа за:
-    странските компании кои веќе се присутни во земјите од западен Балкан
-    странските компании кои планираат да инвестираат или да го реалоцираат своето производство поблиску до своите матични земји и пазари
-    домашните локални компании кои соработуваат или планираат да соработуваат со странските компании (линк до краткиот анкетен прашалник: https://www.surveymonkey.com/r/RB6SXM8 - 12 прашања во SurveyMonkey)

Во последната декада, многу фирми од западна Европа делумно или целосно го пренесоа своето производство во Кина заради намалување на трошоците. Околу 30% од произведените стоки во светот денес, се произведени во Кина. Околу 50% од нерѓосувачкиот челик и 80% од печатените плочки, неопходни за паметните телефони и лаптопите, се произведуваат во Кина. Уделот на Европа во глобалните синџири на вредности (од основна суровина до финален производ) се намали во корист на Кина, со што Кина доби клучна улога во глобалниот синџир на снабдување, а зависноста на западните економии се зголемуваше од година во година. Развиените западноевропски економии, како Германија, Франција, Италија и Велика Британија денес се високо зависни од кинеските снабдувачи, без разлика дали се работи за делови или суровини, до степен до кој во некои стратешки и витални сектори, целосно го изгубија својот “производствен национален суверенитет”.

Со почетокот на корона кризата во Кина кон крајот на јануари 2020 година дојде до нарушување на производството и затворање на голем број фабрики во таа земја. Заради големата зависност на останатите економии од Кина и поврзаноста на производството во глобални рамки, ниту еден индустриски сектор во остатокот од светот не беше поштеден. Со падот на кинескиот извоз, европските производители набрзо останаа без компоненти и делови потребни за составување на финалниот производ и беа принудени да го запрат или драстично намалат сопственото производство. Голем број од нив беа обврзани да прогласат „виша сила“. Притоа, автомобилската и текстилната индустрија, како и електрониката, меѓу другите, имаа најголеми финансиски загуби.

За само 9 месеци, пандемијата Ковид-19 ги смени тековите на глобализацијата и ја изнесе на виделина кревкоста на глобалниот систем на производство. Кризата покажа колку се зависни светските економии од производствените синџири распространети низ многу земји, од кои дел се на многу голема дистанца од матичните фирми. Нарушените дистрибутивни текови ја покажаа слабоста на системот на снабдување во кој суровината, полупроизводот или готовиот производ треба да се произведе во еден дел од светот, а да се вгради во готов производ, или да се продава, во друг дел од светот.

Сепак, кризата КОВИД-19 може да биде и позитивна точка на пресврт за системот на снабдување и производствените синџири. Имено, здравствената криза ја актуелизираше потребата за нов концепт во насока на  приближување, односно враќање на производството на поблиски локации (near-shoring) и “скратување” на синџирите за снабдување. Наместо одлуките да се базираат исклучиво врз принципот на оптимизација на трошоците, што предизвика европските компании да работат во подалечни земји со ниски плати (offshore), компаниите од западна Европа треба да се стремат кон поизбалансирана дистрибуција на изворите на снабдување и производство поблиску до потрошувачите. Ова ќе ги намали ризиците за снабдување и недостаток во случај на криза. Со враќање на производствените процеси поблиску (near-shoring) до пазарите за кои се наменети, ќе се овозможи поголема флексибилност и ефикасност при прилагодување на промените на пазарите и  ризиците од екстерна природа, како што е актуелната пандемија.

Префрлувањето на дел или целокупното производство на поблиски локации, диверзификацијата на синџирите на снабдување и намалувањето на изложеноста на ризик на европските производители, се шанса за локалните компании од земјите на западен Балкан. Работната сила во земјите од западна Европа е релативно скапа и тука е дополнителната конкурентска предност за локалните компании, посебно за оние кои имаат добар менаџмент, квалитетен кадар и неопходното know-how и искуство.

м-р Антонета Манова Ставреска
самостоен советник за анализи и истражувања на стопанскиот систем и економската политика