УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА ТРГОВИЈА ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА
➢ Актуелно (30.10.2020)
👁 Прочитано: 1983


Одржан „онлајн“ семинар во организација на Стопанска комора на Македонија на тема: ТЕХНИКИ И АЛАТКИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА Е-ПРОДАЖБАТА
УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА ТРГОВИЈА ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА

Новите трендови налагаат следење на барањата и потребите на потрошувачите кои од ден на ден се менуваат, оттаму потребата за поголема флексибилност на понудата, видливост на производите и услугите и користите од истите, ја наметнува дигитализацијата во работењето на бизнисите преку отварање на е-продавница.

Концептот на електронска трговија не само што ги забрзува процесите, туку ги прави производите и услугите подостапни до крајниот купувач. Доколку пред 10 години на овој концепт се гледаше со многу скептицизам и недоверба, денес е-трговијата претставува важен сегмент за бизнисите и предуслов за конкурентска предност и зголемување на уделот на пазарот за компаниите.

Податоците од Народната Банка за периодот на светската пандемија покажуваат раст на бројот на трансакции со кредитни трансфери од 4,9% кај физичките и правни лица, што укажува на пораст на користењето на платежните картички за купување преку Интернет. Истовремено раст бележи и бројот на регистрирани е-трговци, кој само во месеците март и април се зголемил за 97 новорегистирани е-трговци. 

Овие податоци несомнено говорат за важноста на е-трговијата, која во услови на светска пандемија стана уште попопуларна давајќи можност за потрошувачите од било која локација да извршат купување, гарантирајќи безбедност на нарачката и испорака на добрата и услугите.

Во насока на презентирање на најактуелните теми пред реалниот сектор, Центарот за едукација и развој на човечки ресури при Стопанската комора на Македонија на 30 октомври 2020 година организираше „онлајн“ семинар на тема: „Техники и алатки за зголемување на е-продажбата“. Овој семинар претставува продолжување на серијата семинари кои Центарот за едукација ги реализира во областа на електронската трговија, се’ со цел полесно прилагодување на компаниите кон новите пазарни услови и трендови на купувачите.

Беа презентирани различни „е-commerce“ решенија, процедури за плаќање преку Интернет, законски регулативи за регистирање на е-продавница и управување со лични податоци во насока на подготовка на македонските компании преку електронската трговија да го унапредат своето работење и да пристапат кон глобалниот пазар кој опфаќа нови сегменти на купувачи, од една страна, но и зголемена конкуренција која ја карактеризира овој пазар, од друга страна.

Предавач на семинарот беше Билјана Радоњанин, која е менаџер и ко-сопственик на е-продавницата „Ексивит“, дипломиран економист со повеќегодишно искуство во делот на ПР, маркетинг и продажба. Радоњанин е говорник на „Global Entrepreneurship Week“, Недела на претприемништвото, како и обучувач во областа на е-трговија.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија