Домашните винарии бараат со предлог Законот за изменување и дополнување наЗаконот за данокот на додадена вредност да биде опфатено и виното
➢ Актуелно (28.10.2020)
👁 Прочитано: 2101



Домашните винарии бараат со предлог Законот за изменување и дополнување наЗаконот за данокот на додадена вредност да биде опфатено и виното

Согласно предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој е дел од Пакетот 4 за справување со кономската криза предизвикана од КОВИД-19, донесен од страна на Владата на Република Северна Македонија, алкохолните пијалаци, вклучително и виното, се исклучени од мерката за намален ДДВ.

Стопанската комора на Македонија, согледувајќи ја особено тешката состојба во која се најдоа винариите како резултат на настанатите проблеми и негативните ефекти од состојбата предизвикана со КОВИД 19, бара дополнување на оваа мерка.

Имено, во услови кога главен канал на продажба на македонското вино се угостителските објекти каде се бележи значително намалување на фреквенцијата на посетители и консумација, македонските винарии се во неповолна состојба. Во изминатиот период, од страна на производителите, покрај неколку други предложени мерки за поддршка на лозарите и винариите, се апелираше до министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство да се разгледа можноста за намалување на ДДВ-то на домашен пазар за категоријата македонско вино, што долгорочно ќе придонесе за задржување на потрошувачката на македонските производи дома. Доколку се задржи овој тренд на намалена потрошувачка, винскиот сектор ќе претрпи уште поголеми загуби и ќе се соочи со поголеми проблеми.

Во изминатиот период Владата направи напор и интервенираше со поддршка од шест милиони евра, кои во најголем дел отидоа како директна поддршка за лозарите, а многу малку за домашните винарници. Мерката за поддршка на транспортните трошоци за извоз е единствената која значи директна поддршка и изнесува само еден милион евра. Постојат винарии кои не извезуваат и своето вино го пласираат исклучиво на домашниот пазар, и тоа единствено во своите објекти за посетители/туристи кои во овој период скоро и да ги нема во винариите. Истите не се опфатени со ниедна мерка.

Дополнително, од шесте милиони евра, приближно три милиони од стимулацијата беа наменети за грозје со низок квалитет, во одредени региони и за болно грозје од кое не може да се направи производ кој ќе биде репрезентативен на странските пазари, винариите ќе се соочат со голема количина вино кое ќе биде наменето само за домашен пазар. Доколку не работат рестораните и остане стапката на ДДВ од 18%, следен чекор на Владата ќе треба да биде дополнителната поддршка на овој сектот. Ова значи, не само што треба да се намали стапката на ДДВ за македонското вино, туку и дополнително да се размисли истата да биде 5%, и во овој исклучително тежок период да влезе во категоријата на храна.

Индустријата откупува околу 130.000 илјади тони грозје годишно во зависност од бербата и произведува 95-120 милиони литри вино годишно, со што директно влијае и на развојот на земјоделското производство. Но оваа индустрија за државата придонесува и на поинаков начин, нешто што ниеден друг производ не може да го постигне, бидејќи виното е еден од ретките македонски производи кои се извезуваат на странските пазари со додадена вредност и преставува вистински амбасадор на нашата земја на интернационалните пазари.

Глобално прифатено е дека КОВИД-19 ја погоди потрошувачката, а винската индустрија е најтешко погодена во целокупниот, земјоделско прехранбен сектор. Неколку земји привремено ги намалија сите стапки на ДДВ со цел поттикнување на потрошувачката. Германија ги намали за 2 процентни поени сите стапки за втората половина на 2020 година, а Ирска ги намали стапките 2 процентни поени од септември 2020 заклучно со февруари 2021. Намалувањето на стапките имаат докажан ефект на потрошувачка и БДП (Германија).

Европскиот комитет на вински претпријатија (ЦЕЕВ) со седиште во Брисел побара дополнителни мерки од ЕУ, бидејќи досегашните не се доволни. Намалување на ДДВ-то за виното е една од дополнителните мерки. Бугарија е прва земја која го намали ДДВ-то на виното од 20% на 9% за потрошувачка во хотели, ресторани и кафеани (ХоРеКа), соодветно на намалувањето на ДДВ за истиот сегмент каде намалувањето е привремено и важи од 1 август 2020 до 31 декември 2021 година.

Овој месец винските претпријатија во Франција, каде вонредните мерки за дестилација изнесуваа 250 милиони евра, побараа намалување на ДДВ на вино во ХоРеКа како битен канал за продажба.

Служба за информирање при Комората