Одржан семинар во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ВОСПОСТАВУВАЊЕ ИНТЕРНА ПРОЦЕДУРА ЗА ПОДГОТОВКА И СПРОВЕДУВАЊЕ НА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА, ОТКАЗ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ДРУГИ ОСНОВИ ЗА ПРЕСТАНОК НА РАБОТНИОТ ОДНОС
➢ Актуелно (27.10.2020)
👁 Прочитано: 1775



Одржан семинар  во организација на Стопанската комора на Македонија на тема: ВОСПОСТАВУВАЊЕ ИНТЕРНА ПРОЦЕДУРА ЗА ПОДГОТОВКА И СПРОВЕДУВАЊЕ НА ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА, ОТКАЗ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И ДРУГИ ОСНОВИ ЗА ПРЕСТАНОК НА РАБОТНИОТ ОДНОС

Комплексниот поим на дисциплинската постапка се покажа како ефикасна алатка за заштита на правата на работодавачите и работниците и забележа значителна употреба како реакција на бројните дилеми околу правилната примена на дел од мерките кои беа во важност изминатите неколку месеци.

Во насока на подготовка на учесниците во работниот однос за практично и правилно реализирање на дисциплинска постапка, Стопанската комора на Македонија, на 26 октомври 2020 година, организираше „онлајн“-работилница на тема: „Воспоставување интерна процедура за подготовка и спроведување на дисциплинска постапка, отказ на договорот за вработување и други основи за престанок на работниот однос “. 

На работилницата се дискутираше за сé поврзано со овој институт, почнувајќи од условите и методите за спроведување на дисциплинската постапка, сé до последователните дејствија по нејзиното заклучување. Особен акцент се стави на информирање на слушателите за важноста на подготовката и примената на интерен акт за воспоставување на јасна интерна процедура за дисциплинска постапка. 

Со цел да се заокружи правната поставеност на дисциплинската постапка, која е предвидена при прекршување на работниот ред и дисциплина од страна на работникот, покрај тој основ, беа разгледани и останатите законски предвидени причини за откажување и престанок на договорот за вработување, повторно во обид слушателите да се максимално теоретски и практично подготвени за нивно ефективно спроведување.
Дополнително, како дел од анализата на правата и обврските на работникот и работодавачот, особено се разгледаа конкурентската забрана и конкурентската клаузула со сите нивни поединости и нивното ефектуирање во деловното работење.

Работилницата имаше интерактивен пристап, понуди практични одговори на прашањата на слушателите и овозможи тие да се стекнат со вештини за правилно да ги применуваат законските одредби од оваа област.

Предавачи на работилницата беа Викторија Спасовска - Симоноска, адвокат во Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право, и Злате Стојановски - Државен советник при Државниот инспекторат за труд.

М-р Анита Митревска
стручен соработник во Стопанска комора на Македонија