ИСТРАЖУВАЊЕТО И РАЗВОЈОТ - ДВИГАТЕЛИ НА УСПЕШНА КОМПАНИЈА
➢ Актуелно (22.10.2020)
👁 Прочитано: 3466



ИСТРАЖУВАЊЕТО И РАЗВОЈОТ - ДВИГАТЕЛИ НА УСПЕШНА КОМПАНИЈА

Стопанската комора на Македонија како партнер во Проектот за изготвување на смарт-специјализација, реализира работна средба во компанијата „Раде Кончар – Контактори и релеи“, каде се разговараше за предизвиците со кои се соочува електроиндустријата како резултат на КОВИД-19 кризата, за тековните проблеми во дејноста, но и за потенцијалите за натамошен развој и остварување поголема конкурентност на производите на пазарот.

Директорката на „Раде Кончар – Контактори и релеи“, Ана Киријас, ни предочи дека најголем проблем на компанијата е изнаоѓање на квалитетен стручен кадар, а продлабочувањето на соработката со средно техничкото училиште е во насока на подобрување на квалитетот на техничкото образование. Инвестициите во развој и технологии не застануваат ни во кризниов период, бидејќи напредокот на компанијата е во усовршување на производите и поголема конкурентност на пазарот.

„Раде Кончар – Контактори и релеи“ произведува нисконапонска електрична опрема за индустриски апликации и e единствена компанија на Балканот која успешно произведува АЦ и ДЦ-контактори, модуларни и помошни контактори, биметални релеи, осигурувачи, прекинувачи за ротирачки камери и сите основни елементи на управувањето на релејниот контактор. Овие производи се произведуваат во стандардна конфигурација, но може брзо да го приспособат производството за специфични барања на клиентот.

Секторот за истражување и развој постојано работи на дизајнирање на производи кои се сигурни, флексибилни и квалитетни. Целата палета на производи е во согласност со меѓународни стандарди за производство и квалитет. „Раде Кончар – Контактори и релеи“ е извозно ориентирана компанија која опслужува клиенти од различни индустрии, енергетика, рудници, металургија, железници, а има развиено  мрежа на задоволни клиенти во повеќе од 40 земји.

Перо Авакумовски
советник во Стопанска комора на Македонија