ЗА УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА, ДЕВЕДЕСЕТ И СЕДУМ ПРОЦЕНТИ ОД ЕВРОПСКАТА БИЗНИС ЗАЕДНИЦА
👁 Прочитано: 3771



ЗА УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА, ДЕВЕДЕСЕТ И СЕДУМ ПРОЦЕНТИ ОД ЕВРОПСКАТА БИЗНИС ЗАЕДНИЦА

Како и да се гледа на образованието, квалитетното стручно образование,  комбинирано со практична обука во реална работна средина клучниот фактор за стекнување вештини и подготовка на младите за вклучување во работните процеси. Ако работите се гледаат од страна на вработувањето, несомнено постои јасна врска помеѓу невработеноста кај младите и квалитетот на стручното образование и обука. Ако се гледаат од страна на економијата, повторно квалитетното стручно образование и обука е круцијално за подготовка на младите за професионална работа и е поврзано со обезбедувањето на стручен кадар потребен за развој економијата. Реално гледано, квалитетното стручно образование и обука бара максимален ангажман и вклученост на бизнис секторот во образовните процеси. Колку е поголема вклученоста на бизнис заедницата за очекување е стручното образование и обука да биде поквалитетно и пофункционално.

Но, податоците од спроведеното истражување на Еурочемберс (EUROCHAMBRES), покажаа мал процент на вклученост на бизнис заедницата во образовната политика и развојот на образовните програми за стручно образование и обука од само 21,6%, споредено со податокот дека 84,1% од компаниите, денес, многу потешко можат да најдат стручен кадар со соодветни вештини отколку пред пет години. Несовпаѓањето на вештините со барањата на бизнис заедницата е проблем во цела Европа, што се должи на брзиот развој на техниката, технологијата и модернизацијата на работните процеси.

Реалноста покажува дека образованието не е во состојба да го следи брзиот развој пред сè, поради неподготвеноста на наставниците на брзите промени, а тоа повлекува и отсуство на вештини кај наставниците за нови методи и техники на учење и подучување на учениците за работа со модернизираната и автоматизирана технологија, како и фаворизирање на високото образование. Според податоците на истражувањето, Европската Унија денес има повеќе дипломирани студенти од кога и да е, кои не можат да најдат работа, а од друга страна, работодавачите се потешко наоѓаат кадар со соодветни вештини. Затоа, 86,3% од компаниите, предлагаат оценката за работењето и финансирањето на високобразовните институции да биде врз основа на бројот на вработени студенти од дипломираните, што би значело сериозна подготовка и оспособување на студентите според бараните вештини. 

Како да се оспособат учениците според бараните вештини?

Практичната обука на реално работно место во компанија и посветеноста на кадарот задолжен за работа со учениците од компанијата во следењето на нивниот напредок е најсоодветниот начин за учениците да се стекнат со бараните вештини. Според истражувањето, 97,1% од бизнис заедницата и придаваат важност на компонентата учење преку работа и сметаат дека учењето преку работа треба да биде составен дел од образовните програми за стручно образование и обука. Во Австрија, околу 40% од учениците  на 16-годишна возраст се запишуваат во стручното образование и обука за реализирање на учење преку работа во компанијата, додека во Германија над 50%. Со потпишување на посебен договор, учениците имаат посебен статус во компаниите и се третираат како дел од вработените, затоа што имаат 60-80% пракса во компанијата и 20-40% теоријата во стручното училиште.

Справувањето со социо-економските празнини и несовпаѓањата во вештините кои се идентификувани низ цела Европа поттикна тие да станат приоритет во агендата на Европската Унија во следните пет години.

Затоа треба за се најдат ефективни решенија, а наоѓањето ефективни решенија бара соработка на повеќе нивоа и повеќе засегнати страни, бидејќи економијата има одраз на целокупниот развој на земјите.

 

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија