Халкбанк АД Скопје прва банка од регионот која се вклучува на глобалната коалиција „Прајслес Планет“ (Priceless Planet) на Mastercard за зачувување на животната средина
➢ Актуелно (21.10.2020)
👁 Прочитано: 2383



Халкбанк АД Скопје прва банка од регионот која се вклучува на глобалната коалиција „Прајслес Планет“ (Priceless Planet) на Mastercard за зачувување на животната средина

Халкбанк АД Скопје, како компанија чија стратегија за општествено одговорно делување се темели на подигнување на еколошката свест, од 20 октомври склучува партнерство со големата глобална иницијатива на Mastercard, наречена „Прајслес Планет“ (Priceless Planet), чија цел е преку својата широка коалиција да обедини повеќе бизниси и потрошувачи од целиот свет за поддршка во засадување 100 милиони дрвја, но и да инспирира колективни акции за решавање на климатските промени.

Коалицијата „Прајслес Планет“ е лансирана во јануари 2020 година како одговор на големиот број пожари и елементарни непогоди кои ја зафатија нашата планета. Таа ги обединува напорите на потрошувачите, финансиските институции, трговците и градовите ширум светот за борба против климатските промени преку обновување на 100 милиони дрвја во текот на пет години, а во коалицијата членуваат и експертите за шумарство „Конзервејшн Интернешнл“ (CI, Conversation International) и Институтот за светски ресурси (WRI, World Resource Institute).

-Зачувувањето на шумите, но и на севкупната добросостојба на нашата планета, е нешто што нѐ засега сите и обврска пред која што не смееме да си дозволиме да застанеме, особено кога се работи за нашата локална заедница. Ние, како еко-ориентирана компанија, преку кампањата ‘ХалкЕко’ и преку голем број спроведени акции и иницијативи, правиме навистина големи напори да дадеме видлив придонес кон подобра, почиста и поздрава средина за сите, но и кон поттикнување поголема одговорност кај секој еден чинител во општеството. Иницијативата ‘Прајслес Планет’ ја поздравуваме и со големо задоволство можам да кажам дека сме навистина горди што Халкбанк АД Скопје е препознаена како рамноправен партнер во оваа глобална коалиција и возбудени сме што имаме прилика да го дадеме својот придонес не само локално, туку и надвор од нашите граници“, изјави Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.

Инаку, како прва еко банка во нашата држава, Халкбанк во последните 8 години има финансирано повеќе од 6.000 еко проекти во износ од 36,6 милиони евра.

Халкбанк е првата и единствена банка од регионот која се вклучува во оваа голема коалиција, а придонесот кон иницијативата ќе го реализира како дополнување на својата веќе етаблирана еко платформата „ХалкЕко“. Долгорочната заложба на банката за зачувување на животната средина веќе беше препознаена од Mastercard, но сега поддршката се проширува и надополнува во уште поголеми размери и во периодот што следи, Халкбанк ќе ја даде својата поддршка со активирање низ повеќе различни кампањи, а со цел зголемување на колективната свест, но и на индивидуалниот придонес кон заштита на планетата.

Халкбанк е долгогодишна компанија-членка на Стопанската комора на Македонија.

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Македонија