Работна средба на раководството на Групацијата на пазари со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски
➢ Актуелно (15.10.2020)
👁 Прочитано: 7231




Работна средба на раководството на Групацијата на пазари со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски Кликни за повеќе

На средбата што беше остварена на иницијатива на Групацијата на пазарите во рамки на Стопанската комора на Македонија со министерот Милевски се дискутираше за тековните проблеми на пазарите предизвикани пред се’ од корона кризата и за начините како дел од истите може да бидат надминати.

Од министерот за локална самоуправа беше побарана поголема координација и соработка со локалните власти бидејќи пазарите се доминантно јавни комунални претпријатија формирани од општините на локално ниво. Барањето за поддршка следува бидејќи во време на пандемија со одлуки на кризните штабови секоја општина поединечно носеше одлуки за забрана за работа на дел од пазарите во одредени периоди со цел заштита од ширење на болеста.

Во разговорот беше посочено дека проблемите кои се предизвикани од здравствената криза најизразени се во пазарите кои функционираа како самостојни претпријатија бидејќи немаат други приходи освен закупот на тезги.

Во таа насока како поддршка за надминување на состојбата во која се наоѓаат се предлага зголемена координација и активности на општините со пазарите и надлежните инспекциски служби, со цел елиминирање на нелојалната конкуренција од дивите пазарџии надвор од зелените пазари и елиминирање на „сивата“ економија. Организаторите на пазарите се на став дека треба да се иницира намалување и на ДДВ услугата од 18% на 5% што ја наплаќаат за закуп на тезги. Како дејност од јавен интерес овие компании имаат основ да бараат корекција на даночната стапка, а средствата би се искористиле за подобар деловен амбиент за закупците, како и модернизација и вложување во инфраструктурата на зелените пазари.

 

Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување