Работна посета на „ИГМ Трејд“
➢ Актуелно (09.10.2020)
👁 Прочитано: 3322



Работна посета на „ИГМ Трејд“

Стопанската комора на Македонија реализираше работна посета на компанијата „ИГМ Трејд“ – Кавадарци. За потенцијалните предизвици и развојните можности на компанијата разговаравме со Александар Гечев, сопственик и раководител на „Алпос металургија“ од Шентјур и еден од  сопствениците на „ИГМ Трејд“.  

Компанијата „ИГМ Tрејд“ има околу 500 вработени и е најголемиот македонски инвеститор во ЕУ со инвестицијата од над 40 милиони евра  во  модерна фабрика за цевки во Словенија, а  произведува 100 илјади тони цевки и профили годишно со обрт од 50 милиони евра.

Компанијата е комплетно извозно ориентирана и 95 отсто од вкупното производство на  квадратни и правоаголни челични профили се извезуваат на  пазарите во земјите на ЕУ и ЦЕФТА.

Покрај сопственото производство на челични профили, цевки и опрема, „ИГМ Tрејд“ инвестира и во индустриски парк во близина на Неготино што претставува  гринфилд инвестиција целосно финансирана од сопствени средства и прва од ваков тип во државата. На површина од 312.900 м2, моментално во изградба се 20 нови индустриски објекти – хали достапни за странски и домашни компании за долгорочен наем и продажба, со вкупен покриен простор од 135.300 м2.

Индустрискиот парк има одлична локација, лоциран на самиот автопат А1 со оддалеченост од 5 километри до железничката станица во Криволак, 75 километри до аеродромот во Скопје и 128 километри до Солунското пристаниште во Грција.

„ИГМ Трејд“ исто така е во подготовка да инвестира во изградба на 50 мегаватна фотоволтаична централа заедно со инвеститор од Индија, кој е реномиран производител на челик, цемент и енергија во оваа земја. Инвестицијата е во вредност од 35 милиони евра.

Во рамки на Проектот „Подготовка на стратегија за Паметна специјализација“ во тек е дефинирање на Квалитативна анализа за развој на најконкурентните сектори во македонската економија, во консултација со клучните компании од Македонија. Стопанската комора на Македонија е носител во соработка со Европската комисија и во периодот кој следи се одвиваат консултации со компаниите.

 

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија