ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ ИМААТ ПОТРЕБА ОД СИСТЕМСКА ПОДДРШКА, КОРОНА КРИЗАТА ГО ПРЕПОЛОВИ РАБОТЕЊЕТО
➢ Актуелно (09.10.2020)
👁 Прочитано: 7634




ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ ИМААТ ПОТРЕБА ОД СИСТЕМСКА ПОДДРШКА, КОРОНА КРИЗАТА ГО ПРЕПОЛОВИ РАБОТЕЊЕТОКликни за повеќе

Зелените пазари трпат големи штети од пандемијата предизвикана од Корона вирусот, беше заклучено на седницата што ја одржа Групацијата за пазари во рамки на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија.

По обемната дискусија констатирано е дека од почетокот на кризата, од март годинава заклучно со септември, интересот за закуп на тезги се намалува во континуитет. Поголем дел од пазарите со одлука на кризните штабови на општините имаа прекин на работа и до два месеца од појавата на Ковид-19 вирусот. Комуналните претпријатија имаат зголемени трошоци поради одржување на високо ниво на хигиена и безбедност на функционирањето на зелените пазари. По 6 месеци од почетокот на оваа вонредна ситуација на делување, зелените пазари кои во најголем дел функционираат како општински комунални претпријатија се соочуваат со сериозни финансиски проблеми. Состојбата е различна од општина до општина. Најголем товар носат пазарите што функционираат самостојно како посебен правен субјект како што е случајот со Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Скопје. Во дел од овие пазари целокупниот товар го носат самите фирми, без поддршка од општините, во дел од нив постои соработка и комуникација на ниво зелен пазар – општински  власти. Негативен резултат од работењето покажуваат и зелените пазари кои се дел од јавните комунални претпријатија во рамки на кои функционираат повеќе дејности (водовод, отпад, пазари и др.). Но тие се во поинаква ситуација бидејќи се дел од претпријатие кое обединува повеќе дејности и ризикот од работење се премостува поинаку.

Зелените пазари на седницата констатираа дека состојбата со корона вирусот само го проблематизира функционирањето на зелените пазари со фактот што нелојалната конкуренција (со продажба на незаконски тезги надвор од пазарите), работата на маркетите со зеленчук и овошје како нов тренд, природно одзема дел од прометот на зелените пазари, а во отсуство на поддршка од општините и државата, нивното опстојување се доведува под знак прашање на долг рок.

Во насока на зачувување на традицијата и културата на пазарење на зелените пазари како стил на живеење, организаторите на пазари иницираат средби со надлежните институции во периодот што следи.

На седницата беа избрани претседател и заменик-претседатели на Групацијата на пазари. За нов претседател беше избрана Кристина Крлеска Деспотоска, директор на ЈП „Градски пазар“ од Охрид, а за заменици претседатели беа избрани Владе Атанасовски од ЈП „Пазари“ - Битола и Љупчо Делов, раководител на Пазарот во рамки на ЈП „Комуналец“ - Кавадарци.

 

 

Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување