ГРАДЕЖНИШТВОТО ИМА ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ПОНАТАМОШЕН РАСТ И РАЗВОЈ
➢ Актуелно (08.10.2020)
👁 Прочитано: 2874


РЕАЛИЗИРАНА РАБОТНА ПОСЕТА НА БЕТОН АД СКОПЈЕ
ГРАДЕЖНИШТВОТО ИМА ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ПОНАТАМОШЕН РАСТ И РАЗВОЈ

Вложувањата во технологија и иновации се значајни за развој на градежните компании и подобрување на нивната конкурентност на домашните и странските пазари. Во таа насока, БЕТОН АД Скопје континуирано вложува во нови машини и опрема со цел поефикасна изведба на објектите и понатамошен развој на градежните занимања – беше истакнато на работната средба која претставници на Стопанската комора на Македонија ја реализираа со г-дин Горан Мауровски, генерален директор на компанијата.

БЕТОН е високо технолошки опремена градежна компанија, подготвена да се носи предизвиците на модерната архитектура и на современите градежни оперативни зафати, а низ децениското постоење има реализирано многубројни градежни проекти од сите сегменти на градежништвото (високоградба, нискоградба и хидроградба). Како етаблирана компанија во градежниот сектор, БЕТОН соработува со голем број компании кои се занимаваат со производство и продажба на градежни материјали, а исто така негува и соработка со стручните и научно-образовните установи од областа на градежништвото.

Во рамки на работната средба се дискутираше дека градежништвото има потенцијал за понатамошен развој на домашниот пазар, особено во делот на инфраструктурата со оглед дека во нашата држава поминуваат два од најважните транспортни коридори – Паневропските коридори X и VIII, од кои Коридорот X е комплетиран до стандард на целосно автопатско решение, додека патната мрежа на Коридорот VIII има потреба од понатамошно надградување. Исто така, покрај патната инфраструктура има потенцијал за развој и на железничката инфраструктура. Со цел освојување на странскиот пазар, беше посочено дека треба да се разгледа можноста државата да дава гаранции за големите градежни проекти, односно да обезбеди гарантен фонд кои ќе ги поддржува компаниите што работат во странство.

Потребата од квалификуван кадар и понатаму претставува едно од приоритетните прашања за градежништвото. За таа цел образовните институции и државата во консултација со реалниот сектор треба континуирано да работат во насока на креирање услови кои ќе овозможат создавање стручни кадри кои му се потребни на стопанството – посочи Мауровски.

БЕТОН АД Скопје е долгогодишна и активна компанија – членка во органите и телата на Стопанската комора на Македонија и Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората.
 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија