АМБИЦИОЗНА РАБОТНА ПРОГРАМА И МНОГУ ПРЕДИЗВИЦИ ГИ ОЧЕКУВААТ ГРАДЕЖНИЦИТЕ ВО СЛЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ
➢ Актуелно (06.10.2020)
👁 Прочитано: 3812


Одржана седница на Управниот одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите
АМБИЦИОЗНА РАБОТНА ПРОГРАМА И МНОГУ ПРЕДИЗВИЦИ ГИ ОЧЕКУВААТ ГРАДЕЖНИЦИТЕ ВО СЛЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ

Управниот одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија ја одржа првата седница во новиот состав на која дискутираше за програмата за работа и активностите на Здружението во следните пет години. 

Членовите на Управниот одбор истакнаа дека економските околности и бизнис амбиентот се менуваат постојано, а градежништвото како значаен фактор за развој на економијата бара динамично и ефикасно дејствување и приспособување на деловните субјекти на модерните економски текови. За таа цел, програмата за работа на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите за следните пет години ќе биде посветена на унапредување на деловниот амбиент и условите за работа на градежните компании преку решавање на тековните и приоритетните прашања во градежниот сектор, но и преку натамошно афирмирање и јакнење на улогата на градежната струка во рамки на стопанството. 

Во таа насока, активностите на Здружението ќе бидат посветени на продалбочување на соработката помеѓу научно – истражувачкиот и реалниот градежен сектор, вмрежување со стручните друштва и асоцијации од земјата, регионално поврзување, како и продолжување на соработката со ресорните министерства и јавните институции. Дополнително, водејќи се од премисата дека квалитетот на правната рамка директно го детерминира амбиентот за работа на македонското градежништво, Здружението како и досега ќе продолжи да биде активен учесник во креирањето и унапредувањето на прописите од областа на градежништвото преку подготвување на иницијативи и предлози за таа цел, иницирање стручни дебати и организирање тематски расправи.

Управниот одбор на Здружението брои 13 члена од сегментите: високоградба, нискоградба, индустрија на градежни материјали и архитектонско-градежни услуги.
 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Македонија