5 ОКТОМВРИ-СВЕТСКИ ДЕН НА НАСТАВНИЦИТЕ
➢ Актуелно (05.10.2020)
👁 Прочитано: 4561



5 ОКТОМВРИ-СВЕТСКИ ДЕН НА НАСТАВНИЦИТЕ

Во знак на сеќавање на 5 октомври 1966 година, кога е усвоена Препораката на Меѓународната организација на трудот-МОТ и на УНЕСКО, во врска со статусот на учителите/наставниците, во 1994 година, овој ден е прогласен за Светски ден на учителите.

Светскиот ден на наставниците се одбележува во партнерство и со УНИЦЕФ.

Препораката содржи одредници во однос на правата и одговорностите на наставниците и стандардите за нивна почетна подготовка и понатамошно образование, регрутирање, вработување и услови за предавање.

Со усвојувањето на стратегијата за одржлив развој за образованието и постигнување на зацртаната цел (одредба содржана во Агендата 2030 за одржлив развој усвоена од членките на УН во 2015 година) за признавање на наставниците, како клучен фактор во постигнувањето на активностите на Агендата во делот на образованието.

Учителите имаат значајна улога во детскиот развој преку нивниот придонес во образувањето и воспитувањето, преку менторирање, мотивирање и афирмација на знаењето што им го пренесуваат на децата. Нивната улога на педагози и воспитувачи е подеднакво важна и во улогата на пријатели на учениците и заштитници на креативниот и интелектуален развој на младите генерации.

Годинава, од страна на УНЕСКО, Светскиот ден на наставниците ќе биде одбележан со темата: „Наставници: Учење во време на криза, редизајнирање на иднината“. Денот дава повод да се слави наставничката професија ширум светот, да се направи преглед на достигнувањата во оваа професија и да се сврти вниманието на барањата и потребите на наставниците, кои се наоѓаат во сржта на напорите да ја постигнат целта на образованието на глобално ниво, со што во образовниот процес ќе бидат опфатени сите.

Пандемијата со КОВИД-19 значително ги додаде предизвиците со кои се соочуваат образовните системи ширум целиот свет. Во моментов, светот се наоѓа на раскрсница и сега повеќе од кога било, мора да се работи и помага на оваа професија со цел да се заштити правото на образованието за секого и на сите чинители вклучени во овој процес.

Придонесот кој најставниците го даваат, посебно во време на работење предизвикано со ковид кризата, со цел да учествуваат во подобрување на работата со учениците преку далечинското учење, при повторното отворање на училиштата и при изнаоѓање на нови методи со кои ќе се одржи квалитетот на образовниот процес, секако со поддршка на државите, е огромен и клучен преку пребродување на кризата и продолжување на нормалните текови на работа со учениците во образовниот процес.

Оваа година, со оглед на моменталната состојба, церемонијата на отворање на Светскиот ден на наставниците и церемонијата на доделување на наградите организирани од УНЕСКО, ќе се одржат онлајн од 5 октомври до 12 октомври 2020 година преку низа национални, регионални и глобални настани опфатени во текот на целата недела.

И во нашата држава, на највисоко ниво, со цел давање поддршка и значење на оваа професија како клучна алка во образовниот процес, Премиерот на РСМ, Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска ќе се обратат по повод Светскиот ден на наставниците.

Служба за информирање при Комората