ПОДОБРИ КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ – КЛУЧ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРОДАЖБАТА
➢ Актуелно (24.09.2020)
👁 Прочитано: 1564


Одржан онлајн семинар на тема: Телефонска продажба (Telesales)
ПОДОБРИ КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ – КЛУЧ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРОДАЖБАТА

Во услови на сè понагласена животна и деловна динамика и недостаток на време за реализација на сите зацртани цели, дополнета со пандемијата Ковид-19 која значително ги измени начините на делување на компаниите, особено во делот на продажба и однос со клиентите, се наметнува потребата за размислување на нови начини на комуникација со клиентите.

Новите времиња налагаат нови начини на функционирање, зголемена флексибилност и приспособливост на потребите на пазарот, а оттука произлегува и потребата од нови знаења и вештини за достигнување на деловните цели.

Иако не станува збор за нов канал за продажба, во последно време станува се поактуелна и Телефонската продажба која опфаќа сет на клучни меки вештини со кои е потребно да располагаат вработените кои постојано комуницираат со клиенти и чија крајна цел е да остварат продажба и да креираат нова вредност која ќе привлече нови клиенти.

Телефонската продажба има свои одлики кои ја прават различна и специфична во однос на класичната продажба, тргнувајќи специфичноста на презентирањето на производите или услугите и разбирањето на потребите на клиентите, во услови кога физичкото присуство го нема. Начинот на кој клиентите ја перцепираат ваквата комуникација и можноста за одбивање на понудата или прекинување на телефонскиот повик, влијае врз телефонскиот комерцијалист, оставајќи го во ограничена можност да воспостави кредибилитет и да успее да го информира нестрпливиот клиент за користа со која може да се стекне. 

За таа цел Стопанската комора на Македонија, на 24 септември 2020 година, организираше „онлајн“-семинар на тема: „Телефонска продажба (Telesales)“, во насока на унапредување на знаењата и комуникациските вештини за сите вработени чии работни обрските се во делокругот на продажбата. 

Предавач на обуката беше Митко Керамитчиев, деловен консултант и експерт во областа на продажба, деловна комуникација и дистрибуција. Своето консултантско искуство го базира на претходните работни искуства како соработник во голем број интернационални компании, сопственици на светски познати брендови достапни на домашниот пазар.

Учесници на „онлајн“-семинарот беа вработени во секторите продажба од производни и услужни компании, банки, осигурителни друштва, транспортни компании, брокерски друштва и трговци на големо и мало, кои во секојдневното работење се соочуваат со предизвици од типот како да се задржат клиентите и како да се насочи комуникацијата кон успешно реализирана продажба и задоволни клиенти.

 

 

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија