СТРАТЕГИЈА ЗА ПАМЕТНА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА КОНКУРЕНТНА ЕКОНОМИЈА
➢ Актуелно (22.09.2020)
👁 Прочитано: 1459



СТРАТЕГИЈА ЗА ПАМЕТНА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА КОНКУРЕНТНА ЕКОНОМИЈА

Паметната специјализација претставува пристап на интегрирана економска трансформација која се базира на специјализација, т.e. искористување на постојните потенцијали во економијата (бизнисот), иновациите и науката. Паметната специјализација, како политика е во корелација со индустриската политика, стратегијата за иновации, конкурентноста, регионалниот развој, стратегијата за образование и развој на вештини. Овој концепт е прифатен од страна на Европската унија и пошироко, преку развиени и имплементирани стратегии за паметна специјализација, на сите земји-членки, на национално ниво, а многу често и на регионално ниво. Паметната специјализација е составен дел и од Берлинскиот процес и МАП РЕА, а е ставена како обврска и во рамки на приспособувањето кон ЕУ - НПАА - Поглавје 25: Наука и истражување (неопходно е да се развие стратегија за паметна специјализација за поддршка на националните стратегии и политики за истражување и иновации) и со Поглавјето 20: Претпријатија и индустриска политика. Искуството на Србија и Црна Гора при реализација на процесот на преговори покажаа дека неопходно беше да ја приспособат индустриската политика со принципите на паметна специјализација.

Главна цел на воведување и подготовка на стратегија за Паметна специјализација е да ја трансформира македонската економија во конкурентна економија, насочувајки ги сите потенцијали на поддршка и развој во приоритетните секторите кои се иновативни и со потенцијал за раст и развој.

Во досегашниот период, предуслов за користење на кохезионите фондови на ЕУ за земјите-членки  беше да се има Стратегија за паметна специјализација. Со новите финансиски програми, стратегијата за паметна специјализација ќе биде предуслов за користење на „ХОРИЗОНТ ЕВРОПА“, ИПА, како и други фондови на Европската унија. Приоритетните сектори ќе бидат дефинирани во рамки на подготовката на Квалитативната анализа – процес кој како дел од подготовката на стратегијата за паметна специјализација го води Стопанската комора на Македонија во координација со Европската комисија и во партнерство со Владата на Република Северна Македонија. Во периодот кој следи, Стопанската комора на Македонија, интензивно преку посети и разговори со компаниите, универзитетите и институциите, ќе ги предложи приоритетните сектори во рамки на Квалитативната анализа како дел од стратегијата за паметна специјализација.

Овој процес се базира на активна партиципација на клучните “стеjкхолдери” од науката, граѓанскиот и приватниот сектор во дизајнирање и имплементирање на фазите од процесот на градење конкурентски предности на земјата. Врз основа на оваа стратегија, во иднина ќе се користат европски фондови за подобрување на конкурентноста на македонските компании, но и севкупниот систем на државна поддршка ќе се базира на истата. Целта е да се идентификуваат области каде што македонската економија има потенцијални компаративни предности за натамошна специјализација. Ова е исклучително значајно во процесот на креирање подобри економски политики со цел максимизирање на позитивните ефекти од државната поддршка за приватниот сектор преку насочевање на поддршката на државата  кон претходно идентификуваните сектори согласно потребите и можностите на секој сектор.

Практично, овој процес е инклузивен и се базира на активна партиципација на клучните стеикхолдери од науката, граѓанскиот и приватниот сектор во дизајнирање и имплементирање на фазите од процесот на градење конкурентнски предности на земјата. Се разбира, Владата е главниот координатор на процесот кој треба да ги имплементира предложените мерки од страна на клучните “стеjкхолдери”.

Во процесот на градењето стратегија за паметна специјализација, квантитативна студија за мапирање на економските, научните и иновациските потенцијали на земјата е спроведена, при што, идентификувани се неколку сектори кои имаат најголеми потенцијални можности за понатамошна специјализација. Тие сектори се: ИКТ; прехранбениот сектор и пијалаци; одржливо градежниство и нови материјали; машинската, електро и автомобилската индустрија; одржлив туризам и одржлив енергетски сектор. Со цел да се продлабочи истражувањето преку квалитативна студија, потребно е обезбедување детални информации од клучните луѓе од идентификуваните сектори.

Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Македонија