ШТО ПОКАЖА ИНДЕКСОТ ЗА ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ НА СВЕТСКА БАНКА?
➢ Актуелно (21.09.2020)
👁 Прочитано: 834



ШТО ПОКАЖА ИНДЕКСОТ ЗА ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ НА СВЕТСКА БАНКА?

Ако се запрашаме што е клучниот фактор за одржлив економски раст и развој и намалување на стапката на сиромаштија во земјите, несомнено одговорот е квалитетен образовен и здравствен систем. Тоа значи континуирано вложување во човечкиот капитал, во неговото знаење и вештини, како и во одржување на неговото здравје. Развиените земји, тоа го постигнуваат со постојани инвестиции во здравството, за одржување стабилен здравствен систем и во образованието, за достигнување квалитет во образовниот систем што овозможува развој на здрави генерации кои ќе прераснат во продуктивни возрасни личности.

Според истражувањето на Светска банка, индексот на човечки капитал во нашата земја, изнесува 0,56. Во однос на десетгодишен период, од 2010 до 2020 година, истражувањето покажува дека има зголемување на Индексот од 0,54 на 0,56. Споредено со просекот на земјите во Европа и Централна Азија и земјите во регионот, индексот на човечки капитал во нашата земја сè уште е најнизок: Косово (0,57), Бугарија (0,61), Албанија (0,63), Србија (0,68), Грција (0,69) и Хрватска (0,71). Според анализите, највисоко според индексот на човечки капитал се наоѓаат земјите: Сингапур, Хонгконг, Јапонија, Јужна Кореја и Канада, а најниско се наоѓаат: Централна Африканска Република, Чад, Јужен Судан, Нигер и Мали. 

За да биде појасно, индексот на човечки капитал на Светска банка, го мери развојот на децата од раѓањето до 18-тата година, преку клучни показатели, како што се: стапка на преживување на деца (од раѓање до петтата година); години поминати во основното и средното образование; неухранетост и заостанување во развојот на децата и стапка на преживување на возрасните.

Во однос на десетгодишна анализа на Светска Банка за развојот на човечкиот капитал во 103 земји, во период од 2010 до 2020 година, меѓу 10 земји кои бележат напредок во образованието и здравството се: Албанија, Азербејџан и Русија.

Според директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава, Масимилиано Паолучи, иако нашата земја од 2010 година направи значителни напори во подобрување на резултатите во областа на образованието и здравството, сѐ уште постојат предизвици на кои треба да се работи, посебно во инвестирање во квалитетот и рамномерниот пристап на децата во образованието и превенцијата на болестите во здравството. 

Гледајќи од призма на образованието, според индексот на човечки капитал, дете, родено денес во нашата земја, според годините поминати во образовниот систем и квалитетот на образованието што го добива, ќе достигне 56 проценти од својот потенцијал кога ќе стане возрасна личност, што значи од 11 години образование како да поминало 7,5 години, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита.

Тоа го покажаа и резултатите од меѓународно оценување на учениците ПИСА 2018 што се реализира од страна на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД, според кое нашите ученици се најдоа на 68 место од 77 земји кои учествуваа во мерењето на знаењето. Во јазичната писменост, во споредба со просечната оцена на ОЕЦД која изнесува 487, нашите ученици имаат постигнувања од 393, за математичка писменост, просечната оцена на ОЕЦД е 489, а нашите ученици имаат постнувања од 394, додека за наука, просечната оцена на ОЕЦД е 489, учениците имаат постигнувања од 413. 

Сето ова е значаен сигнал за измена на образовните политики и преземање реформи насочени кон подобрување на образовните резултати: подобрување на јазичната, математичката и научната писменост, стекнување применливи знаења, решавање проблемски задачи, развивање на критичкото мислење и способноста да откриваат нови знаења, измена на начинот на реализација на наставата, подучувањето и пристапот кон учениците и учењето, подобрување на условите за одвивање на наставниот процес и соодветно вреднување на трудот на наставниците.

 Земајќи ги во предвид резултатите во здравството, извештајот покажува дека 99 од 100 деца, родени во нашата земја, доживуваат 5 годишна возраст. Фокусот треба да биде на  зајакнување на системот за превенција од хронични и заразни болести, преку подобрување на скринингот, управувањето и контролата, отколку на лечењето. Истражувањето покажало дека стапката на смртност, во изминатите 10 години, е значително намалена. Најголем пад на смртноста меѓу децата имаат земјите: Азербејџан, Казахстан и Турција. Значително е намалена и стапката на потхранетост и заостанување во развојот на децата, особено во земјите: Албанија, Азербејџан, Македонија и Турција.

Во извештајот на Светска банка биле анализирани и последиците од пандемијата предизвикана од КОВИД-19 и нотирано е дека пандемијата се заканува на досегашните придобивки во сите земји. Тоа ја наметнува потребата од брз одговор на политиките, посебно кога владите се трудат да го одржат нивото на здравствените услуги во состојба на ограничување на заштитата на јавното здравје  и нивото на образовните услуги во време кога се затворија  училиштата, како и поголема примена на дигиталната технологија и развој на дигиталните вештини.

Нешто како заклучок: Состојбата треба да ги поттикне креаторите на политики да испорачуваат подобри резултати на полето на образованието и здравјето на децата што ќе има значителни придобивки на долг рок, посебно по пандемијата поради коронавирусот.

 

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија