ПОДДРЖАНИ 87 КОМПАНИИ И НАЈАВА НА СЛЕДЕН ЦИКЛУС ЗА НОВА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА КОМПАНИИТЕ ОД ФИТР
➢ Актуелно (20.09.2020)
👁 Прочитано: 1972


Вицепремиерот Битиќи и директорот на ФИТР Деспотовски: Поддржуваме 87 компании да реализираат проекти за побрзо справување со Ковид 19 со вкупна вредност од околу 3 милиони евра
ПОДДРЖАНИ 87 КОМПАНИИ И НАЈАВА НА СЛЕДЕН ЦИКЛУС ЗА НОВА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА КОМПАНИИТЕ ОД ФИТР

Вкупно 87 компании, кои планираат да реализираат проекти во вредност од околу 3 милиони евра, избрани се во финалната селекција од повикот за ко-финансирани грантови за брзо прилагодување од Ковид 19, соопштија вчера на прес конференција во Владата, заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски. Овој инструмент е дел од третиот сет на мерки кој Владата го усвои за поддршка на граѓаните и стопанството, а за полесно надминување на социо-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19.
„Преку овој модел ФИТР обезбедува поддршка до 70% од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 3.000.000 денари. Вкупниот број на компании кои аплицирале на повикот се 171, а одобрени предлог проекти, по финалната селекција се 87. Износот на инвестициски циклус за реализација на сите овие 87 проекти изнесува приближно 3 милиони евра, од кои побарани средства од ФИТР се во висина од 1,7 милиони евра, а средства од сопствено ко-финасирање се 1.3 милиони евра“ , информираше вицепремиерот Битиќи.
 

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски на презентацијата истакна дека оваа листа на компании може да се зголеми бидејќи на барање на Фондот, Комитетот за одлучување на инвестиции веќе им достави мислење на компаниите од финалната фаза, а кои не се на оваа листа, за кое може да се произнесат, а со тоа добиват можност за повторно разгледување, по што ќе биде донесена конечната одлука за финансирање.
“Во рамки на овие 87 компании, поддржуваме 1296 наши сограѓани и нивните семејства, но очекувам овој број да биде зголемен за околу 30% по заокружување на јавниот повик. За нас е важен секој поединец и секое работно место. Со овие мерки како Влада покажавме дека можеме да бидеме вистински партнер излегувајќи во пресрет на потребите на бизнис секторот, но не само во заштита на бизнисот туку истовремено и заштита на вработените и на самите работни места во компаниите, “ истакна Деспотовски.
Според Деспотовски охрабрува фактот што сововедување на дополнителните критериуми за дополнително бодување на компании со жени во управувачката односно сопственичката структура и компании што доаѓаат од помалку развиените региони, веќе во првиот циклус е поттикнато учество на вакви компании. Повеќе од половина, односно 52% од овие компании се раководени од жени, а зголемен е и бројот на компании со седиште во помалку развиените региони. Споредено со претходните повици, регистриран е пораст во источниот (13%) југоисточниот (11%), вардарски (8%) и полошкиот регион (3%).

Деспотовски најави дека веќе се подготвува втор инвестициски циклус со изменети критериуми кој следната недела ќе биде доставен како предлог до Владата. “Врз основа на спроведена анализа и консултации со приватниот сектор и податоците кои ги добивме од истражување спроведено кај домашните компании ни помогна да ја измениме оваа мерка. Веќе е изготвен нов правилник со кој се предвидува отворање на можност за финансирање и на големи компании, како и зголемување на износот на финансиска поддршка до 20,000,000 денари. Исто така се предлага промена на процент на поврат на средства од 15 % на 7,5% како и промена на период на поврат од 3 на 5 години. Верувам дека со овие измени голем дел од оние 2100 компании кои покажаа интерес за инструментот ќе се охрабрат и ќе влезат во нов инвестициски циклус со кој ќе од фаза на преживување ќе преминат во фаза на заздравување,“ порача Деспотовски.


Инаку, од 87 те компании кои ќе бидат финансирани во првиот циклус 66 компании, односно 76% по првпат во аплицираат Фондот, 15% по втор или повеќе пати без претходно добиена поддршка, додека само 9% се претходни корисници на средства.

Според соопштението од ФИТР, инвестициските планови на овие компании се однесуваат на воведување на нови технологии во работењето со што се зголемува конурентноста и ефикасноста, како и за зголемена заштита и работа во услови на пандемија. Најголем дел од нив се од областа на здравството 21%, продажба и трговија (14%), ИТ (10%), но и категориите како машинство, креативната индустрија, угостителство и текстилната индустрија. Според анализите во најголем дел се работи за мали (52) и микро (29) компании, како и 6 средни претпријатија. Овие компании вработуваат околу 1.296 лица и се очекува да ги реализираат своите инвестиции во следните 12 месеци.


Одлуката за ко-финансирање е донесена од Комитетот за одобрување на инвестиции на, составена од петмина странски експерти, а врз основа на однапред објавени критериуми: технолошки напредок и степен на дигитализација, односно во кој степен проектот ќе придонесе за дигитализација во процесите, развивање на нов или значајно подобрен производ, услуга или работен процес кај апликантот, потоа квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание, информираат од ФИТР.


На повикот кој беше отворен од 29.05 до 03.07.2020 година, аплицирале вкупно 166 компании, а над 2100 подигнале апликациски пакети.


Презентацијата од резултатите може да ја најдете на следниот линк на ФИТР .

Служба за информирање при Комората