КОН РЕГИОНАЛНИ СТАНДАРДИ ЗА ЗАНИМАЊА
➢ Актуелно (15.09.2020)
👁 Прочитано: 9583




КОН РЕГИОНАЛНИ СТАНДАРДИ ЗА ЗАНИМАЊАКликни за повеќе

Регионалната економска соработка, подобрување на бизнис климата и создавање на заедничка економска област на Западен Балкан, како и обезбедување човечки ресурси за поддршка и продуктивност на компаниите и олеснување на регионалната мобилност, не се лесно остварливи без заедничка соработка и на полето на образованието.

И во услови наметнати од пандемијата поради корона вирусот, во рамките на Проектот „Кон регионални стандарди на занимања - КОН РЕГОС“ ,(https://wba4wbl.com/about-to-regos-project/), финансиран од Австриската агенција за развој, а реализатори се образовните институции за стручно образование и обука, стопанските комори и синдикатот, продолжува дијалогот меѓу образовните институции креатори на идната работна сила и бизнис секторот кој има потреба од квалификуваната и стручна работна сила. Дијалогот резултира со соработка и создавање стандарди на занимања според регионалните заеднички потреби на бизнис секторот од земјите во Западен Балкан.

Преку организирани „онлајн“ работилници, претставниците на работодавачите, коморите, наставници и стручњаци од областа од сите 6 земји од Западен Балкан, кои учествуваа во работните групи, го финализираа регионалниот стандард на занимање хотелско-угостителски техничар од угостителско-туристичкиот сектор и продолжија со изработка на регионалните стандарди од секторот градежништво и геодезија, и тоа стандардите за занимање монтер за сува градба и поставувач на подови. По финализирањето на овие два стандарда ќе се пристапи кон изработка на стандардите за занимањата молер и поставувач на плочки.

Стандардите на занимањата во кои се внесени релевантните вештини според потребите на пазарот на труд мора да бидат официјално признати на национално ниво во секоја од земјите на Западен Балкан за да станат основа за изработка на стандарди на квалификации, а следствено на тоа, на образовните програми, што се изучуваат во училиштата во регионот.

Целта на ваквата соработка на бизнис секторот и образовните институции е да поттикне инвестирање во квалитетно и релевантно, пазарно ориентирано, стручно образование и обука и создавање универзални квалификации признати од земјите од регионот на Западен Балкан кои ќе овозможат вработување на младите по завршување на образовниот процес, зголемена вработеност преку системски пристап на пазарно ориентирана побарувачка и олеснета мобилност на пазарот на труд помеѓу земјите.

Повеќе информации на интернет страната на проектот: WBA4WBL – WBA 4 WBL

м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората