Нафтената компанија „БП“ инвестира над една милијарда американски долари во електрична енергија од ветер во САД
➢ Актуелно (11.09.2020)
👁 Прочитано: 2098




Нафтената компанија „БП“ инвестира над една милијарда американски долари во електрична енергија од ветер во САД

Британската нафтена компанија „БП“ започнува проект за развој на ветерни електростаници, развивани од норвешката енергетска компанија „Еквинор“. Спогодбата налага „БП“ да вложи 1,1 милијарда американски долари за 50 отсто удел во проектот, што е најзначајна сума на „БП“ досега инвестирана во областа на крајбрежна ветерна енергија. Ветерните фарми „Еквинор“ ги развива во морските води на САД, недалеку од крајбрежјето на Њујорк и Масачусетс, а фармите се поставени на две локации. Првата наречена „Емпире Винд“ е на површина од 320 километри квадратни, на која се планира инсталација на 60 до 80 турбини. Проектната моќност на таа ветерна фарма ќе биде до 2 гигавати. Производството на електрична енергија ќе започне од 2025 година. Површината на втората фарма, „Бекон Винд“ (Beacon Wind) е поголема и изнесува 500 километри квадратни, со проектна моќност од 2,4 Гвт.

"Ова е важен чекор во рамките на нашата нова стратегија за трансформација во интегрирана енергетска компанија. Светскиот пазар на ветерна енергетика расте приближно 20 отсто на годишно ниво. Оваа област веќе е призната како најважен инструмент за решавање на глобалните цели за намалување на издувните гасови", изјави Барнард Луни, првиот човек на  компанијата „БП“.

Служба за информирање при Комората