„Замисли еден поинаков поглед“ е мотото под кое се одржува Саемот на книга оваа година на отворено
➢ Актуелно (09.09.2020)
👁 Прочитано: 882



„Замисли еден поинаков поглед“ е мотото под кое се одржува Саемот на книга оваа година на отворено

Редици читатели со заштитни маски, мерење температура и дезинфекција ги посетуваа штандовите на познатите издавачи во очекување да ги пронајадат новите изданија на  своите омилени автори, каде истите се со намалени цени.

Заради безбедноста прв пат оваа година Саемот на книга се одржува на отворен простор, под урбаните тенди каде на пропишана далечина се поставени штандовите на компаниите излагачи. Согласно протоколите за спречување на ширење на корона вирусот, пропишани од Владата на РСМ, за Саeмот на книга 2020 се обезбедени сите мерки за кои посетителите и изложувачите се соодветно информирани од поставените редари.

Љубителите на книгата имаат можност да  избираат од понудата на голем број домашни и странски автори, странска литература, стручна, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца.

И оваа година еден од најдоминантните и одлично екстерно среден е штандот на компанијата „Арс ламина“ на кој можете да најдете книга за секого. Како и претходните години, така и сега компанијата може да се пофали со многу нови наслови од повеќе жанрови и неслучајно беше забележлива поголемата посетеност од страна посетителите.

Секоја година и  со свој штанд е и компанијата „Бата прес“ .Во  разговорот со менаџерот на компанијата, Филип Батковски, тој истакна дека нивната визија како компанија е да ја подигнат свеста на младите за вредноста на книгата, а од суштинско значење на книгоиздателството е да се издаваат книги со висок квалитет. Запрашан за состојбите во услови на пандемија и воопшто за овој Саем на книгата на отворено, тој изрази задоволство што и во вакви услови постои желбата за читање на неуморните љубители на книгата и релативно добра посетеност.

Саемот на книгата  зад себе има повеќе од  30-годишна традиција, како еден од најголемите културни настани во земјата  и е добро познат меѓу љубителите на книгата. Иако под посебни услови и оваа година се очекува добра посетеност.

И оваа година, во овие вонредни услови за живеење и работење, македонските издавачи направија напори на љубителите на пишаниот збор да им овозможат да се снабдат со добра книга.

Валентина Цветковска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија