КАКО ЗАПОЧНА УЧЕБНАТА ГОДИНА?
➢ Актуелно (02.09.2020)
👁 Прочитано: 1533



КАКО ЗАПОЧНА УЧЕБНАТА ГОДИНА?

„Децата не треба да станат губитници на пандемијата“, е изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел, за почетокот на учебната година. Во повеќе земји во Европа: Германија, Франција, Белгија, како и во соседна Србија, учениците се вратија во училишните клупи по неколку месечниот прекин што го наметна состојбата со пандемијата поради КОВИД 19. 

Во нашата земја, новата учебната 2020/2021 година ќе започне со еден месец одложување, иако почетокот на учебната година, го очекуваа 270.000 ученици од основното и средното образование, како и нови  ученици кои треба за прв пат да влезат во образовниот процес. Во исчекување се и компаниите на кои им се потребни стручни и образовани кадри кои ќе работат со новата технологија и на модернизираните процеси за да ја одржат својата продуктивност. 

Училиштата ќе започнат со работа на 1 октомври и тоа, со физичко присуство за еден дел од учениците (од прво до трето одделение), со почитување на посебни протоколи за однесување во новонастанатите услови на живеење и работење. За останатите ученици се предвидува комбиниран модел на настава со физичко присуство во училница и настава од далечина. 

Комбинираниот модел на настава го бараат средношколците затоа што знаат дека наученото во училиште и сработеното на практичната обука во компаниите повеќе останува во меморијата. Учењето од далечина како реалност на новото време, може само да ја надополни наставата со физичко присуство на учениците. 

Здравјето е најважно за сите и со доследно почитување на протоколите и препораките може да се заштити. Но, исто така е важно дека знаењето е ресурс кој треба да добие употребна вредност и затоа не смее да се дозволи наставата и учењето да станат еден вид симулација на образованието.  

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија