НОВИ КВАЛИФИКАЦИИ КАКО ОДГОВОР НА НОВИТЕ ПОТРЕБИ НА ПАЗАРОТ
➢ Актуелно (26.08.2020)
👁 Прочитано: 4648



НОВИ КВАЛИФИКАЦИИ КАКО ОДГОВОР НА НОВИТЕ ПОТРЕБИ НА ПАЗАРОТ

Новите времиња налагаат нови начини на функционирање, зголемена флексибилност и приспособливост на потребите на пазарот, а оттука произлегува и потребата од нови знаења и вештини за достигнување на деловните цели.

На последниот состанок на Секторската комисија за квалификации за економија, право и трговија, што се одржа на 20 август 2020, главната тема на дискусија беше дизајнирање на нова квалификација е-продавач или онлајн продавач во доменот на Е-бизнис со фокус на Е-трговијата што би можела да се стекнува во рамките на формалниот и неформалниот систем за образование, за која беше изразена поддршка и од Стопанската комора на Македонија која активно е вклучена со свој претставник во Комисијата.

Потребата од таквата квалификација особено се наметна за време на Светската пандемија COVID-19 кога голем дел од компаниите започнаа со трансформирање на своите активности и дигитализирање на истите, по што се појави потребата од адекватни вештини за вработените полесно да се приспособат на новите работни задачи како би одговориле на барањата на клиентите.

Стопанската комора на Македонија, преку Центарот за едукација и развој на човечки ресурси постојано ги следи активностите, но и предизвиците со кои се соочува бизнис заедницата и во таа насока организира обуки кои придонесуваат за зголемување на конкурентноста на компаниите. Преку Центарот за едукација изминатиот период беа реализирани низа „онлајн“-семинари кои ја обработуваат тематиката Електронска трговија и интернет продажба, а во таа насока ви го најавуваме и следниот „онлајн“-семинар кој опфаќа уште еден доста актуелен канал за продажба, а тоа е Телефонска продажба (Telesales) . „Онлајн“-семинарот ќе се одржи на 24 септември 2020 година и е во доменот на меки вештини, кои се покажаа како клучни за вработените давајќи придонес кон подобро позиционирање на компанијата во услови на брзо и динамично опкружување кое постојано е под влијание на социо-економските фактори.
За едукативните настани кои Центарот за едукација ги организира во следниот период можете да се информирате тука.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Македонија