ПРИОРИТЕТИ НА ЕВРОПСКАТА АЛИЈАНСА ЗА ПРАКТИКАНТСТВО
👁 Прочитано: 8327



ПРИОРИТЕТИ НА ЕВРОПСКАТА АЛИЈАНСА ЗА ПРАКТИКАНТСТВО

Оспособување на лицата со вештини за нов иот економски контекст е главната стратешка цел на Европската алијанса за практикантство, чиј член, од минатата година, е Стопанската комора на Македонија. Фокусот на стратешката цел, на краток и среден рок, ќе биде ставен на обуката и новите вештини како клучен одговор на потребите на пазарот на труд во контекст на промените предизвикани од КОВИД-19 и структурните промени во животната средина, интернационализацијата на стручното образование и обука и достапност до дигитално образование. А најголемиот предизвик, секако, е стручното образование и обука да биде попривлечно, попристапно и распространето.

Единствен начин за исполнување на стратешката цел на која се фокусираше Европската алијанса за практикантство беше да ги дефинира приоритетите на кои ќе се посвети:

Ø Поттикнување на посветеност меѓу земјите-членки и компаниите за квалитетно ефикасно учење и обука , преку поттикнување на национални партнерства за учење и обука;

Ø Поттикнување на поддршка за малите и средни претпријатија кои обезбедуваат квалитетна и ефикасна практична обука/практикантство;

Ø Мобилизирање на локалните и регионални авторитети како катализатори за јакнење на практична обука/практиканството преку локалната бизнис средина;

Ø Поддршка на учесниците во практичната обука од земјите-членки преку учество на настани во Европската мрежа за практикантство;

Ø Проактивно учество во европските секториски комисии за социјален дијалог за практична обука и практикантство и

Ø Зајакнување на социјалниот дијалог преку активно учество на националните социјални партнери.

Реализацијата на приоритетите ќе бара зајакнување на парнерството помеѓу владите, социјалните партнери, бизнис-секторот, коморите, регионите, младинските организации и понудувачите на стручно образование и обука.

Она што е најважно да се истакне е дека улогата на бизнис-секторот е значајна, посебно во делот на обезбедување менторство од страна на искусни и стручни вработени лица во компанија, споделување на практичните искуства во самата компанија и оспособување на учениците за одредени занимања за подобро да ги задоволат потребите на пазарот на трудот, како и во обезбедување програми за школување. Добар пример е компанијата ,,НЕСТЛЕ’’ во Европа која преку иницијативата Алијанса за млади им помага на младите луѓе да реализираат обука во компанијата, да се подготват за работа и да ги подобрат своите релевантни вештини и перспективи за вработување. Единствено комбинацијата од практични вештини и теоретски знаења дава сеопфатно образование.

Неизбежно е да се истакне дека и коморите и понудувачите на стручно образование и обука исто така се клучни учесници во развојот и спроведувањето на образованието и обуката.

Коморите, како облик на организирање на стопанството, ја знаат важноста на обуката и се јавуваат како мост помеѓу бизнис-заедницата и образованието за да ги олеснат процесите при реализација на учење преку работа и практичната обука и да ги подготват младите за пазарот на трудот.

Според тоа, заеднички треба да целиме и да се стремиме кон успехот, за да имаме подобро утре.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија