ФУНКЦИОНАЛНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА И УЧЕСТВО НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР
👁 Прочитано: 5898



ФУНКЦИОНАЛНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА И  УЧЕСТВО НА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

Пандемијата поради коронавирусот го измести нормалното функционирање во целиот свет. Најсилно го погоди здравствениот систем, а како лавина го попречи и развојот на економијата, туризмот и угостителството, транспортот, го прекина образовниот процес, а остави тешки последици и врз останатите дејности. Земјите во овој период самостојно се справуваат со последиците според пристапот што самите го имаат усвоено. Исклучок не е ниту нашата земја во која пандемијата влијае на сите сегменти во општеството, како врз однесувањето на луѓето, така и врз продуктивноста на економијата и реализацијата на образовниот процес, а со тоа и на системот за формално стручно образование и обука и на системот за неформално образование за развој на стручни вештини.

Ова поттикна Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементиран од ХЕЛВЕТАС Северна Македонија, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија, да изготви анализа за Влијанието на КОВИД-19 врз македонскиот систем за развој на стручни вештини/стручно образование и обука, како и врз Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“.  

Акцентот беше ставен на развојот на практичните и стручни вештини во системот на формалното стручно образование и обука и во системот на неформалното образование, односот на приватниот сектор кон развојот на практичните вештини и како пандемијата КОВИД-19 влијаше на испораката на практичните вештини.  

Поради отсуството на учениците од образовниот процес, од практичната настава и вежбите во училиштето и лабораториите, од реализацијата на практичната обука во реална средина на работно место и обуките за преквалификација и доквалификација како резултат на пандемијата, се очекуваше анализата да покаже дека ваквата состојба повеќе ги погоди формалното стручно образование и неформалното учење за развој на стручни вештини, отколку што е погодено општото гимназиско образование. Учениците од стручно образование и обука треба да учат на две различни места: училиште и компанија, додека општо образование се нуди само во училиштата и е побезбедно за какви било решенија за настава. Посебно последиците се почувствуваа во реализацијата на практичната обука низ сите нејзини форми, како услов за стекнување на практичните вештини.  

Анализата покажа дека кризата ги изнесе на виделина минималните инвестиции во инфраструктурата, развојот на човечките ресурси, практичната обука, процесите на децентрализација во сферата на образованието, пазарната ориентација на програмите, дигитализацијата, кои сите заедно придонесуваат за постоење на слабите ефекти на формалното и неформалното образование во развојот на стручни вештини и не ги исполнуваат ниту очекувањата на учениците за атрактивни вештини, ниту очекувањата на работодавачите да најдат обучена работна сила во нашата земја.

Оттука, останува да констатираме дека на нашата земја ѝ треба пазарно ориентиран, функционален и инклузивен систем на стручно образование и обука и засилено учество и ангажман на приватниот сектор со фокус на развој на практичните вештини како единствена опција да се обезбеди стручен и квалификуван кадар потребен за развој на македонската економија, како и да се создадат можности за вработување на луѓето за да останат во нашата земја.

 

Vlijanieto-na-KOVID-19-vrz-SOO-i-PCB[1].pdf
м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија