Економските последици кои ги предизвика пандемијата од коронавирусот се огромни, но според Тедрос Аданом Габрејесус, генерален директор на СЗО, за крајот на пандемијата се потребни најмалку 100 милијарди долари. Податоците од Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека досега здравствената криза ја чини глобалната економија околу 375 милијарди американски долари месечно и предвидува кумулативна загуба на глобалната економија во текот на две години од над 12 трилиони американски долари. Државите од Г-20 досега мобилизираа повеќе од 10 трилиони долари фискален стимул за да ги ублажат ефектите на пандемијата, што претставува три и пол пати повеќе во споредба со вкупните средства што ги потроши светот за ублажување на штетите од глобалната финансиска криза.