КОРИСТЕТЕ ГИ УСЛУГИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-МЕДИЈАЦИЈА ЗА ЕФИКАСНО РЕШАВАЊЕ НА СТОПАНСКИТЕ СПОРОВИ
➢ Актуелно (14.08.2020)
👁 Прочитано: 1837



КОРИСТЕТЕ ГИ УСЛУГИТЕ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА-МЕДИЈАЦИЈА ЗА ЕФИКАСНО РЕШАВАЊЕ НА СТОПАНСКИТЕ СПОРОВИ

Медијација, согласно Законот за медијација во нашата земја, е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори, со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

При користењето на медијацијата за решавање на споровите, посебно при решавање на стопанските спорови, главна улога имаат начелата и стандардите на медијацијата која ја издвојуваат како привлечна пред останатите методи на алтернативно решавање на споровите, или пред судовите. Начелата на медијација се: Доброволност на страните за започнување на постапката, Рамноправност и еднаквост на страните во спорот, Неутралност на медијаторот кон страните, Доверливост на постапката, Исклучување на јавноста во медијацијата, Нема достапност на информации од постапката за медијација, Ефикасност на постапката, односно постапката е економична, ефикасна и брза, Правичност на постапката. Согласно законот за Медијација во РС Македонија (Закон за медијација („Службен весник на Република Мaкедонија“ бр. 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16), медијацијата се применува особено во имотно-правни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како и во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од законот за медијација се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.

Со цел да се обезбеди поголема поддршка, промоција и афирмација на активностите на медијацијата, на 15.07.2016 година во Стопанската комора на Македонија, беше формирана Асоцијација за поддршка на медијацијата (АПМ) како форма на организирање и работење во рамките на Стопанската комора на Македонија. Од тогаш до денес, АПМ има одржано над 30 бесплатни семинари за промоција на медијацијата, посебно медијацијата во стопанските спорови, а се планира и во иднина одржување на семинари и други промотивни активности за афирмација на медијацијата, со цел искористување на сите бенефити кои таа ги нуди, пред се за компаниите, со оглед на функцијата на Стопанската комора.

Инаку, со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка („Службен весник на РМ“, бр.124./15) со член 47 од Законот, извршена беше измена на член 461 од пречистениот текст на ЗПП  според кој: „ Во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли”. Оваа одредба од ЗПП е влезена во сила од февруари 2016 година.

За повеќе информации во врска со медијацијата, во Стопанската Комора на Македонија, можете да се обратите на тел.(02)3244-031 и е-mail:jelisaveta@mchamber.mk, кај д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, која воедно е и лиценциран медијатор и лиценциран обучувач на медијатори.

Во моментот во нашата држава има лиценцирано 46 медијатори, а повеќе информации во врска со нивната работа и работата на медијацијата, може да се најдат на официјалниот веб сајт на Комората на медијатори.

Служба за информирање при Комората