Запознајте ги членовите на нашиот Управен Одбор, АНГЕЛКА ПЕЕВА ЛАУРЕНЧИЌ, ImagePR
➢ Актуелно (14.08.2020)
👁 Прочитано: 3145



Запознајте ги членовите на нашиот Управен Одбор, АНГЕЛКА ПЕЕВА ЛАУРЕНЧИЌ, ImagePR

Првата независна специјализирана агенција за односи со јавност во Македонија ImagePR е основана во 2002 година, како дополнување на  неопходниот сегмент на професионални комуникации во земјава, кој во моментот на нејзиното основање недостасуваше во областа на комуникациите. Основачите своето дотогашно искуство и стекнатата репутација од работата во областа на маркетингот, новинарството и други сродни области  ги ставија во функција на развојот на една нова професија и ја формираа ImagePR. За да се постигне посакуваното ниво на управување со вкупните комуникации, во своето работење го практикуваат моделот на интегрирани комуникации, кои освен стратешки и ефективни односи со јавноста, во себе ги инкорпорираат и маркетиншките комуникации.Денес, тимот на ImagePR, преку високо ниво на професионализам и етички пристап, предлага решенија, поставува и реализира комуникациски платформи на долг рок, за кои најмногу можат да зборуваат нивните клиенти, без оглед колку во моментот кога се зададени, изгледаат комплицирани и невозможни. За ImagePR, бројот на клиенти не е мерило за успешност, напротив, бројот на успешни долгорочни приказни е нивниот главен адут. Затоа, во својата деловна стратегија инсистираат на партнерство, наместо однос клиент – агенција. 

ImagePR, работејќи на проекти на респектабилни меѓународни организации, како и домашни институции, министерства и агенции, стекна големо искуство во креирање и поддршка во реализацијата на комуникациски стратегии и планови за информирањето на јавноста за придобивките од некои од најзначајните реформи во земјата.

Како тим, работат и на проекти што имаат пошироко општествено значење, а во чија реализација неретко го вложуваат сопственото време, енергија и материјални средства,  препознатливи се по проектите на Движењето за поддршка на креативнoста – „Иво Лауренчиќ“ каде што преку волонтерскиот труд од членовите и средствата донирани од ImagePR, секоја година се доделува наградата за млади креативци „Браво сине!“

Деловниот профил на извршниот директор на ImagePR, Ангелка Пеева Лауренчиќ го сочинуваат два сегменти во една област – комуникациите. Првиот, во областа на корпоративните комуникации на повеќе успешни компании во државата, а вториот во сегментот на политичките комуникации, врзани со креирање и имплементација на политички маркетиншки и комуникациски проекти во државата и регионот.

Ангелка Пеева Лауреничиќ е член на Управниот Одбор на Стопанската комора на Македонија и член на Собранието на Стопанската комора на Македонија за мандатниот период од 2020 – 2025.

 

Служба за информирање при Комората