Макрофинансиската програма за поддршка преку фондовите на ЕУ на нашата земја и носи 160 милиони евра
➢ Актуелно (11.08.2020)
👁 Прочитано: 1274



Макрофинансиската програма за поддршка преку фондовите на ЕУ на нашата земја и носи 160 милиони евра

 Во официјалното соопштение на Европската Комисија е наведено дека мaкрофинансиската програма за поддршка на долг рок со исклучително поволни услови за Северна Македонија ќе изнесува 160 милиони евра. Фондовите ќе придонесат за зацврстување на макроекономската стабилност и ќе создадат простор да се алоцираат ресурси со цел да се надминат негативните социјално – економски последици, предизвикани од пандемијата на Ковид -19.

За таа цел, Европската Комисија во име на Европската Унија, договори Меморандуми за разбирање за користење на програмите за макрофинансиска помош со осум партнери, а денес официјално се потпишани со Косово, Молдавија, Северна Македонија и Украина.

Одлуката за доделување на макрофинансиска помош на десет земји кои се во процесот на проширување и земји партнери од соседството во контекст на Ковид-19 пандемијата беше предложена од страна на Комисијата на 22 април и усвоена од страна на Европскиот парламент и Советот на 25 мај 2020 година.

Овие „кризни програми за МФП” ќе обезбедат поволни услови, врз основа на потпишани Меморандуми за разбирање во кои ќе бидат дефинирани конкретни реформски обврски. На овој начин ќе им се помогне на тие соседни земји да ги покријат своите потреби од надворешно финансирање во периодот 2020-21 година, со оглед на нивните посебни потешкотии во справувањето со економскиот удар од пандемијата, изјави Валдис Домбровскис потпретседател на Европската Комисија задолжен за економија.

За Северна Македонија условите за користење на макрофинансиската програма за поддршка од 160 милиони евра се однесуваат на зајакнување на фискалното управување и транспарентност, борбата против корупцијата, подобрување на супервизијата на финансискиот сектор, подобрување на деловното опкружување и справување со невработеноста кај младите.

 

 

Служба за информирање при Комората